ФОТО: Нов современ испитен центар за Комората за приватно обезбедување

Со претставување на новиот испитен центар и новата софтверска апликација за електронско полагање на стручниот испит, Комората за приватно обезбедување ги одбележува „Деновите на приватното обезбедување“.

Претседателката на Комората, Верица Милеска Стефановска истакна дека како Комората исполниле една одамна поставена цел за создавање на современ, обучен и испитен центар за кадидатите од областа на приватното обезбедување.

-Почитувајќи ги законските обврски и водејќи се од тенденцијата за унапредување на дејноста, ги споивме желбата и потребите, па денес сметам дека обучниот и испитен центар на комората ќе претставува место од каде ќе произлезат нови квалитетни и стручни кадри, нагласи Милеска Стефановска.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска посочи дека во рамки на континуираните напори за унапредување на приватното обезбедување, МВР како надлежен регулатор, настојува на држи чекор со промените во останатите општествени сфери.

-Кон крајот на минатата година беа извршени соодветни измени и дополнувања на Законот за приватно обезбедување и со нив се овозможи полагање на теоретскиот дел од стручните испити за физичко и техничко обезбедување по електронски пат преку решавање на тест на компјутер. Со овие новини се настојува да се обезбеди максимална објективност при полагањето на сите кандидати и ќе се води сметка за минимизирање на можностите за било какво влијание при полагањето, истакна Јанкулоска.

Во рамки на денешното промовирање на испитниот центар, Комората за приватно обезбедување потпиша договор за соработка со Институтот за безбедност, одбрана и мир, а беше промовиран и Коментарот на Законот за приватно обезбедување изработен од академски експерти.