ФОТО: Одбележана годишнината од смртта на Браќа Манаки

По повод годишнината од смртта на доаените на филмската уметност на Балканот и патрони на Комуната на Власите – Арм’ните „Браќа Манаки“, денес на влашките гробишта во Битола беше организирано чествување на 52 години од смртта на Милтон Манаки и 62 години од смртта на Јанаки Манаки.

Големата почит кон нивното дело и грижата за нивното творештво постојано се негува, а дополнителна потврда за тоа е ИФФК Браќа Манаки, изградбата на киното „Браќа Манаки“, а секако и големото признание кое преку нивното значење го доби Општина Битола – членка на мрежата на креативни градови на големата европска мапа на УНЕСКО во категоријата филм.

manaki 5

Традиционално, достоинствено оддаваме почит кон големите имиња кои што се впишани во историјата на развојот на општина Битола, значајни и за Република Македонија и за целиот Балкан. Фотографските и филмските записи на Браќата Манаки ни прикажуваат значајни настани, имиња од историјата на Битола. Првата камера на Балканот секогаш е поврзана со Браќата Манаки, а она што ние, како нивни идни генерации треба да го правиме, го правиме на најдостоинствен начин. Традиционално, секоја година се одржува интернационалниот фестивал Браќа Манаки, општина Битола е впишана во големата европска и светска мапа – филмски град на УНЕСКО, а изградбата на киното Манаки оваа година очекуваме да биде завршена и да се влеземе во ентериерот, рече градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески на денешното чествување.

Од понеделник, 101 фотографија од творештвото на Браќата Манаки ќе бидат изложени во големиот музеј во Каен, Франција, а фотографиите прикажуваат дел од животот во Битола за време на Првата светска војна. Ова е едно од најголемите светски претставувања на нивното творештво, а според посетеноста на музејот се очекува изложбата да ја видат повеќе од 150 000 посетители.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.