ФОТО: Охрид се полни со гости, почнува туристичкото лето

Големата раздвиженост низ Охридската чаршија и на шеталиштето, метежот во сообраќајот, полните плажи и угостителски објекти се главен показател дека во најголемиот туристички центар во Македонија започнува шпицот на туристичката сезона, пишува Ohrid news.

Порталот пренесува дел од изјавите на охридските туристички работници кои велат дека како и секоја година,веќе вообичаено, вистинското туристичкото лето во Охрид, започнува во втората половина на јули.

-Во текот на изминатиот викенд, може да се каже дека Охрид почна да се полни со гости. Резервациите кои ги имавме за овој период се веќе реализирани. Во моментот имаме гости од Србија, Словенија и од Скопје. Исто така имаме резервации за гости до средината на август, вели сопственичка на неколку апартмани во центарот на Охрид.

Охрид се полни со гости, фото: Ohrid News
Охрид се полни со гости, фото: Ohrid News

Друг станоиздавач кој исто така издава соби и апартмани во Охрид вели дека најбројни помеѓу гостите се младите, кои доаѓаат на летување во друштва или во парови.

-Во Охрид се одржуваат голем број концерти и забави, па затоа градот е најпривлечен за младите, но сепак имаме и гости од повозрасна категорија, како и семејства со деца. Вистинскиот туристички метеж очекуваме да се случи за празникот 2-ри август кога ќе има и споен викенд, вели нашиот соговорник.

Според она што може да се види на огласите на интернет, цените во приватното сместување низ Охрид се движат од 300 до 400 денари за легло во приватна соба и од 500 до 1.000 денари по лице во приватни доброопремени апартмани. Инаку, изнајмување на еден апартман или стан во централното градско подрачје изнесува од 20 до 60 евра дневно, а луксузните апартмани и оние со поглед на езеро достигнуваат и цени над 100 евра дневно.

Менаџерските тимови на неколку хотели на Охридската ривиера велат дека се задоволни од исполнетоста на сместувачките капацитети.

-Во моментот најбројни се туристите од Холандија и Германија, но имаме гости и од соседните земји. Според најавите и резервациите кои ги имаме, очекуваме бројни гости и во текот на нередниот период, велат од хотел „Гарден“.

Покрај организираните туристички групи, во хотелите има и гости кои доаѓаат преку идивидуални резервaции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.