ФОТО: Општина Кисела Вода ја збогати Божиќната трпеза на семејството Китановски

Божиќна топлина и радост влегоа во домот на 15-членото семејство Китановски од Општина Кисела Вода. Трошната куќичка на ова семејство во населбата Припор, денеска беше опремена со нова детска соба, а дечињата добија пакетчиња. Насмеани детски лица и задоволни родители утрово ги пречекаа градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ и претседателот на Советот, Трајче Донев кои лично сакаа да им ги честитаат божиќните празници и да внесат божиќна светлина во домот на најголемото семејство во општината.

paketcepomos

„Денеска, во пресрет на најголемиот христијански празник Божиќ, заедно со Претседателот на Советот и дел од советниците го посетивме семејството Китановски за да им ја збогатиме божиќната трпеза, пред сѐ со една божиќна погача, бадниково гранче, еден пакет со прехранбени и еден пакет со хигиенски продукти“, изјави градоначалникот Беличанец – Алексиќ.

Таа укажа на фактот дека оваа хумана акција е само мал дел од проектот “Се грижиме за топол дом”, за чија имплементација општината Кисела Вода потпиша Меморандум за соработка со Министерството за труд и социјална политика.

„Бидејќи Општина Кисела Вода беше една од општините која потпиша меморандум за соработка со Министерството за труд и социјална политика за проектот „Се грижиме за топол дом“, тоа подразбира дека општината стои на располагање за трансферирање на секој оној добронамерник кој ќе сака да донира дел од покуќнина или одредени електрични апарати“, информираше Беличанец – Алексиќ.

slikasoba

Покуќнината, односно детската соба со креветче на спрат и сите пропратни елемнти за детска соба за семејството Китановски, е донација од компанијата „Телесмарт-Телеком“, за што градоначалникот искрено се заблагодари и упати апел до сите добронамерници кои сакаат да донираат на ваков начин, воопшто да не се двоумат.

„Oпштина Кисела Вода ќе им стои на располагање на сите хумани луѓе, за да можат да го транспортираат сето тоа и да го монтираат во домовите”, порача Беличанец – Алексиќ.

slikapomos

Инаку, Општина Кисела Вода традиционално му помага на семејството Китановски неколку години наназад.

„Имав прилика да се информирам дека и претходните градоначалници излегувале во пресрет на ова семејство. Минатата година донирани се прехранбени продукти, огрев, брашно, зејтин, млечни производи. Притоа, јас откако станав Градоначалник се информирав дали има во семејството полнолетни кои можат да работат, така што во еден период беше вработено кај нас едно од децата” , информираше Беличанец – Алексиќ и порача дека доколку  има дополнително барање од семејството за времено ангажирање на некои од децата, општината ќе им излезе во пресрет.

„Не секогаш само со еднократна парична помош е доволно да се помогне на вакво семејство, ами со континурано работење, а при тоа и самите тие да се чувствуваат како дел од ова општество и самите да придонесуваат на таков начин”, заврши Беличанец – Алексиќ.

Задоволството од подароците не го криеја ниту родителите Васка и Перо. Се заблагодарија на градоначалникот и изразија надеж дека во 2014 година егзистенцијалната животна борба ќе се претвори во скромна и среќна живеачка.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.