ФОТО: Отворена Археолошката изложба 2015

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека посветено и интензивно се работи на заштита на културното наследство, движно и недвижно, а дека во археолошките  активности многу археолози првпат добиле можност да истражуваат.

arheoloska-izlozba2-640x345

Со   овие  интензивни истражувања   се   овозможи   создавање   на еден исклучително вреден   фонд  од   преку   500.000   експонати, артефакти кои ни ја прикажуваат  археолошката панорама на нашето   минато, на креативниот континуитет, на цивилизациските придобивки и на творечките дострели на предците  од далечните столетија на   нашата културна историја.  Голем   број   од   овие   вредни   предмети беа презентирани и пред домашната, но и пред меѓународната јавност,  рече Канческа-Милевска. Потсети и на промовирањето на првите десет брошури  од едицијата „Најзначајните   вредности   од   областа   на  културното   и   природното   наследство   на   Република Македонија“.

Директорот на УЗКН  Виктор Лилчиќ Адамс рече дека секоја од 80-те македонски општини поседува стотици моќни археолошки локалитети, а меѓу нив, како што рече, најмалку еден е фаворит со врвни културни цивилизациски вредности.

Поради тоа, и оваа, деветта година по ред, археолозите од девет институции, музеи и заводи за заштита и институти, влегоа во 22 македонски општини каде третираа 60-ина извонредно репрезентативни цивилизациски точки. Меѓу илјадниците археолошки наоди, оваа година посебно внимание привлекуваат монетите на кралевите на античкото кралство Македонија, рече Лилчиќ.

Директорката на Археолошкиот музеј на Македонија Весела Честоева истакна дека значајно овогодишно археолошко откритие била т.н. Долина на кралевите со повеќе илјадници гробови кои нивната институција ќе продолжи да ги истражува во 2016 година.

Интересен е фактот дека околу 50 проценти од истражните локалитети беа првпат откриени токму во оваа, 2015 година. По три децении повторно се истражува и археолошкиот локалитет Китино Кале, со што се отвора нова страница во археолошката наука, рече Честоева.

Поставката во витрините на Археолошкиот музеј ги вклучува и веќе добро познатите наоѓалишта – античките цивлизациски градски центри: Билазора кај Свети Николе (каде што се истражува т.н. владетелска палата од 4 и 5 век п.н.е.); извонредно богатиот пајонско-македонски град на Градиште кај селото Младо Нагоричане, Кумановско; античкиот град Стибера во областа Девриоп; Пелагонија, главен град на истоименото античкото кралство, локалитетот Старо Бонче, Прилепско; праисториската опсерваторија Кокино во Кумановско.