ФОТО: Почна изградбата на магистралниот гасовод Клечковце – Штип

Денеска во кумановското село Клечовце започна изградбата на магистралниот гасовод делница Клечовце – Блок станица 5, дел од проектот за изградба на националниот гасоводен систем во Македонија. Првиот дел од гасоводот во должина од 61 километар ќе го гради руската компанија „Стројтрансгас“.

Вредноста на проектот изнесува 75,7 милиони долари, од  кои 60 милиони произлегуваат од подмирувањето на клириншкиот долг.

На почетокот на градежните работи присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за транспорт Миле Јанакиески, директорите на Македонските енергетски ресурси  и на Стројтрансгас, Крсте Миладинов и Олек Ширгејев, амбасадорот на Руската федерација Олег Чеврек…

gas

Изградбата на гасоводот, според владините претставници,  е до големо значење за Македонија, ќе овозможи гасот да биде достапен насекаде низ државата за граѓаните, компаниите…

gas1

– Она што долги години се зборуваше, она што од многумина се ветуваше, денес почнува да станува реалност, истакна Груевски. Изминатите години, потенцира, макотрпно работевме да дојдеме до почетокот за изградба на гасоводот.

gas2

– Оваа делница  е првата изградба затоа што ќе овозможи натамошен продор и ширење на целата гасоводна мрежа низ државата. Според планираното ќе бидат поврзани сите поголеми места со што гасот ќе стане достапен насекаде низ државата. Следните делници кои планираме да се градат се од Штип до Кавадарци преку Прилеп до Битола и Охрид, од Штип до Радовиш-Струмица-Гевгелија се до границата со Грција, од Струмица преку Ново Село до границата со Бугарија, од Скопје-Тетово-Гостивар преку Кичево -Струга до Ќафасан и границата со Албанија, истакна Груевски.

gas3

Со изградбата на гасоводот, нагласи, Македонија добива пристап до стратешки ресурси поради што бенефитот е многукратен.  – Најважно од се е придобивката која ќе ја имаат граѓаните. Можноста да се користи гас во домаќинствата ќе значи помали сметки за струја и греење што директно ќе се одрази на буџетот на граѓаните. Придобивки ќе има и економијата. Употребата на поевтин енергенс ќе значи поголем профит на компаниите, поголема конкурентност на домашниот производ, подобри услови за водење бизнис, а тоа ќе допринесе и за нови работни места во државата, истакна Груевски.

gas4

Користењето на гасот позитивно ќе влијае и во производството на електрична енергија од страна на државните електрани.

– Нивната модернизација и адаптација ќе значи намалување на трошоците за производство и подобрување на еколошкиот аспект од нивната работа. Со тоа Македонија ќе добие поевтина и еколошки поприфатлива алтернатива на мазутот и сличните енергенси кои се употребуваат во моментот, рече Груевски.

gas5

Капиталните инвестиции како изградбата на гасоводот, автопатите, железницата, аеродромите ТИР зоните, нови фабрики, хидроцентрали, училишта, булевари, спортски сали…, според Груевски, се големи проекти и конкретни дела, резултат на посветената работа и труд на Владата.

gas6

Трасата на новиот гасовод од Клечовце, според  проектот, треба да биде приклучок на постојниот гасовод Крива Паланка – Скопје. Оттаму ќе се движи кон Свети Николе, кое ќе биде заобиколено, а предвидено е да има приклучно место за крак кон градот и кон Велес. Понатаму гасоводот ќе поминува во близина на индустриската зона во Штип. За останатиот дел од трасата до Неготино и Кавадарци треба да се обезбедат дополнителни финансии. Освен Штип, со гасовод треба да бидат поврзани и Кавадарци, Прилеп, Битола, Тетово и Гостивар. Предвидено е гасоводот да се поврзе и со термоелектраната „Неготино“ која од мазут ќе почне да функционира на гас.

gas8

Изградбата на националниот гасовод е прва фаза од проектот за гасификација на Македонија. Втора фаза е изградба на дистрибутивна мрежа која треба гасот да го однесе до општините, а нивниот избор е во тек.

gas9

– За регионот на Скопје постапката е во завршна фаза и во најскоро време очекувам да се избере компанијата која ќе ја гради дистрибутивната гасоводна мрежа низ Скопје. Во тек е и постапката за избор на компанија која ќе ја гради секундарната мрежа и во останатите региони низ државата, посочи премиерот Никола Груевски.

gas10

gas11

gasovod