ФОТО: Прво македонско семејство доби бебе од сурогат-мајка!

 

Во претходно подготвената матка на сурогат-мајката се пренесува веќе оплодена јајце-клетка, односно ембрион од двајцата родители, а сурогат-мајката единствено го носи плодот низ бременоста и не е генетски поврзана со бебето.

“Голем поздрав за проширеното македонско семејство!

Ж.З и К.З. од Македонија имаат бебе родено од сурогат-мајка од нашата агенција. Кога нивниот син имаше две недели, среќната, сега тројка, се врати дома веднаш откако сите документи беа завршени од страна на нивната амбасада, пренесува Вечер.

Сега, откако поминаа неколку месеци, тие ни испратија преубава слика и ни дозволија да ја споделиме со нашите читатели.

Многу се радуваме дечки, Бог да ве благослови и да уживате во најголемото чудо во универзумот – чувството да се биде МАМА и ТАТО! Најдобри желби за вашиот син, му ги испраќаме нашите прегратки и бакнежи.”

Ваков поздрав упати украинската агенција  “Successful Parents” на својата Фејсбук страница, поздравувајќи го првото македонско семејство кое преку сурогат-мајка добило потомство.

Во Украина ваквиот принцип на сурогат-мајчинство постои веќе неколку години, а оваа агенција е формирана во 2003 година, со тоа што има две свои подружници, од кои едната е во соседна Бугарија.

Законот во Украина, но и во Бугарија го дозволува сурогатството и донирањето на јајце-клетки, а ги заштитува правата на родителите и на бебето.

Клиниката овозможува идните родители да го одберат и полот на ембрионот во нивната програма. Но, како што повеќепати напоменуваат, клиниката работи според сите здравствени законски нормативи на Украина.

На својата веб-страница агенцијата ја промовира својата програма за сурогат-мајки и според нивните пресметки, паровите кои имаат потреба од сурогат-мајка тоа ќе ги чини околу 40 илјади долари.

Практика во Украина е гестациската бременост на сурогат-мајката, што значи во претходно подготвената матка на сурогат-мајката се пренесува веќе оплодена јајце-клетка, односно ембрион од двајцата родители, а сурогат-мајката единствено го носи плодот низ бременоста и не е генетски поврзана со бебето.

Пакетот за сурогат-мајка ги вклучува подготовките и трансферот на ембрионот од биолошките родители во сурогат-мајката во една од клиниките на  “Successful Parents Agency” . Целокупниот пакет на оваа клиника чини 34.950 долари, а во пакетот се вклучени консултации и координации за целата програма. Тоа значи дека биолошките родители си бираат сурогат-мајка од датабазата на агенцијата, кои, според стандардите на оваа агенција, се на возраст од 20 до 30 години, иако законот во Украина вели дека секоја жена на возраст од 18 до 35 години која е психички и физички способна може да биде сурогат-мајка. Секоја сурогат-мајка мора да има родено барем едно свое биолошко дете, како и да се уверат дека жената нема никакви проблеми.

Со цената се опфатени медицинските тестови за сурогат-мајката и лековите за нејзината подготовка за бременоста. Додека траат сите процедури, идните родители се запознаваат со сурогат-мајката и се во контакт со неа.

Во цената спаѓа и оплодувањето на јајце-клетката и еден трансфер на ембрион во матката на сурогат-мајката, грижата околу бременоста на жената и сите медицински прегледи и породувањето.

Биолошките родители за тие 40 илјади долари добиваат и посредување околу регистрацијата на новороденото бебе, како и подготовка на сите потребни документи кои треба да се достават во матичната амбасада на биолошките родители на бебето.

Од Агенцијата напоменуваат дека од денот на потпишувањето на договорот до денот на оплодувањето на сурогат-мајката потребен е еден месец, а по две недели од оплодувањето и се прават крвни анализи на сурогат-мајката за да се потврди бременоста.

Според нивните кажувања, во последната година побарувачката за сурогат-мајка е многу зголемена, и тоа се бараат здрави жени со европско потекло, па затоа тие ја шират својата база на потенцијални сурогат-мајки. Во болницата во секој момент работат со минимум 5 сурогат мајки и биолошките родители на бебињата, и тоа од различни страни на светот.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.