Реал Мадрид го освои Суперкупот во Скопје

Екипата на Реал Мадрид го освои Суперкупот по победата над Манчестер Јунајтед со 2:1 на вечерашниот натпревар кој се одржа на градскиот стадион „Филип Втори“ во Скопје. Ова за „Кралевите“ е четврти трофеј во Суперкуп натпреварувањата.

Првото полувреме заврши со резултат 1:0 за „Кралевите“ по голот на Касемиро постигнат во 24 минута од натпреварот.

Второто полувреме резултатски повторно го отвори кралскиот клуб со погодокот на Иско Аларкон во 52 минута за водство од 2:0.

Надежта на „Црвените ѓаволи“ и големиот број навивачи на трибините на скопскиот стадион кои го бодреа Јунајтед, им ја врати Ромелу Лукаку со погодокот во 62 минута, но ова не беше доволно да се запре Реал иако екипата од Островото имаше неколку одлични топки кон голот кои сепак завршија во рацете на Кејлор Навас.

Во текот на целиот натпревар, според статистиката екипата на Реал имаше поголем посед на топката.

Атмосферата на стадионот „Филип Втори“ дополнително се загреа во 83 минута кога на теренот влезе, ѕвездата на Реал, Кристијано Роналдо, кој пак, во 97-мата минута беше непрецизен при изведувањето на слободниот удар.

Реал Мадрид со победата стана втората екипа по Милан, кој двапати последователно се радуваше на овој трофеј (1989 и 1990 година). Претходно Реал покрај минатогодишниот трофеј до кој стигна со победата над шпанскиот ривал Севиља 3-2, победи и во 2002 година против Феенорд (3-1) и 2014 година во Кардиф повторно против Севиља со 2-0.

Манчестер Јунајтед и по трет пат во низа не успева да стигне до трофејот кој „црвените ѓаволи“ го освоија пред 26 години, кога во 1991 година ја совладаа белградска Црвена Звезда.

Со овој триумф Реал ја продолжи доминацијата на шпанските екипи кои сега имаа 14 трофеи од Супер купот, пред тимовите од Италија кои имаат 9 трофеи, додека за англиските екипи останаа на седум триумф.

Скопје и Република Македонија се покажаа како одлични организатори на овој голем фудбалски настан кој беше пренесуван во над 200 земји ширум светот.