Фото: Се бара инвеститор за новиот театар

Министерството за култура го распиша огласот за пронаоѓање компанија со која ќе потпише договор за јавно – приватно партнерство за изградба на нов објект на местото на монтажна градба во која е лоциран театарот „Комедија“.

Во планираното здание со приземје и 10 ката би се сместил театарскиот ансамбл, при што најголем дел од просториите во зградата би ги задржал приватниот инвеститор што ќе се согласи да гради. Проценетата вредност на новиот објект изнесува 246.000.000 денари или околу 4 милиони евра, без вклучен ДДВ.

Teatar Centar Bakalcev i Hadzipulja viz02a

Времетраењето на договорот за јавно – приватно партнерство ќе изнесува 42 месеци, односно три и пол години. Во овој рок треба целосно да се издигне замислената зграда со зацртана површина од 30.945 метри квадратни. Заинтересираните субјекти за учество на распишаниот оглас треба да ги достават своите понуди најдоцна до 3 април. Врз основа на пристигнатите понуди, ќе се избере приватниот партнер што ќе ги гради просториите во кои треба да се смести театар „Центар“. По изборот на најповолен понудувач, ќе се пристапи кон рушење на постоечкиот монтажен објект во централното градско подрачје.

Teatar Centar Bakalcev i Hadzipulja viz01

Физибилити – студијата за оправданост од воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на овој објект ја изготви консултантската компанија „Грант Торнтон“. Основниот проект е изработен од фирмата „Монтимпекс – Инженеринг“, врз основа на победничкото идејно решение на авторите Минас Бакалчев и Митко Хаџи – Пуља, заедно со соработниците Никола Стрезовски, Саша Тасиќ, Бетим Зекири и Бесијам Мехмети.