Фото: Се излеа Дојранското Езеро

Дојранското езеро деновиве се излеа. Под вода е целата градска плажа во центарот на Дојран која се протега на површина од 600 метри, како и другите плажи и предели во околината на езерото.

Како што може да се види на фотографиите регистрирани вчера и денеска, чадорите од слама се под вода, како и овоштарниците и нивите долж езерото, јавува порталот Гевгелија.нет.

Инаку, со последните врнежи од дожд нивото на Дојранското езеро ја надмина нулта котата, која е позиционирана на 144 метри надморска височина, а последните мерења покажуваат водено ниво од 145,4 метри надморска височина.

Dojran-3-600x450

– Досега на подрачјето на Дојран наврнале 150 литри дожд на метар квадратен. Само минатата недела во едно деноноќие евидентирани се 25 литри на квадрат. Поради тоа бележиме и пораст на нивото на езерото повеќе од десет сантиметри, а овој водостој е повисок и од просечниот за месец декември, вели Радмила Бојковска, раководителка на хидролошкото одделение во Управата за хидрометеоролошки работи.

dojran-7-600x450

Дојранското езеро во последните години бележи пораст на нивото, за кое свој придонес има и Сисемот за спас на Дојранското езеро, чија улога изминативе години беше пресудна за одржувањето и враќањето на животот во езерото.