Фото: Се реконструра Железничката станица во Скопје

За околу три месеци железничката станица во Скопје ќе добие обновен лик. Реконструкцијата тече наголемо, некогашниот симбол на градот сега е претворено во големо градилиште, објави Телеграф.мк.

Мајстори на сите страни, а одговорните од „МЖ-инфраструктура“ внимателно гледаат да се запази предвидениот рок до мај, за кога е планирано да биде свеченото пуштање на станицата. Засега се завршени околу 40 проценти од работите, како во внатрешниот дел на станицата така и на пероните.

Во моментов се поставува челичната конструкција за лифтовите, кои ќе водат директно до платформата, санитарните јазли, подвижните скали, пристапните влезови за инвалидизирани лица, чекалниците и билетарницата. Финансиските средства за реализација на овој проект изнесуваат околу 2, 5 милиони евра и 85 проценти се обезбедени со помош на Европската унија преку ИПА-фондовите.

За подобрување на енергетската ефикасност на станицата предвидено е инсталирање фотонапонски систем, односно соларни панели на покривот на платформата. Овие панели ќе произведуваат електрична енергија за потребите на железничката станица.

Железничката станица во Скопје беше пуштена во употреба пред 33 години и во тоа време претставуваше најмодерен сообраќаен центар не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот. Станицата низ која дневно поминуваа по 70 воза и околу 7.000 патници, со својот специфичен изглед и градба претставуваше врв на архитектурата за тоа време.

Паралелно со санацијата на станиците ќе се набавуваат и неколку модерни патнички воза од Кина. Тие ќе бидат целосно климатизирани, опремени со вакуум-тоалети, енергетски ефикасни и ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди, како и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност.

Повеќе фотографии на Телеграф.мк