ФОТО: Стари цркви во Италија стануваат банки, клубови, продавници

Поради италијанската економија која е погодена од рецесија, се повеќе цркви во Италија се секуларизираат и се продаваат на приватни купувачи, кои ги пренаменуваат овие поранешни куќи на Бога во банки, театри, ноќни клубови, па дури и во автомеханичарски работилници, пренесува РТ.
Неколку илјади цркви, некои стари и по илјада години, од неодамна добија нови сопственици што укажува на тешките времиња кои ги доживува Католичката црква и појавата на масовно свртување кон секуларност во земјата.

-Сите ги сакам. Ми се допаѓаат местата кои имаат иронија во нив. И тоа беше чувството што го искусив во сите овие цркви, вели локалниот фотограф, Андреа ди Мартино, кој сликал 70 поранешни цркви.

Црквата „Мадона дела Неве“ во Комо била меѓу првите пренаменети цркви што ги посетил и која го инспирирала целиот проект. Таа уште во доцните 1950-ти години била преадаптирана во успешна автомеханичарска работилница.

Црквите во Италија се секуларизираат кога зградата мора да се реновира или кога посетеноста е драстично намалена.
Добрата продажба на објектите се должи на тоа што имаат цврсти структури, со високи тавани и обично се наоѓаат во центрите на градовите и селата.

Пренамена на црквените објекти кои веќе не се употребуваат е вообичаена пракса не само во Италија туку и во други западноевропски земји. Холандскиот ланец на книжари Selexyz (од 2013 под името Polare) во 2008-та пренамени црква во Мастрихт изградена во 1294, во една од најпознатите продавници за книги во Холандија.

itali 1 Itali 2 Itali 3 Itali 4 Itali 5 Itali 6