ФОТО: Свечено отворена новата зграда на Министерството за финансии

Со доградбата на овој објект е надминат проблемот што се јавуваше поради користењето различни локации во кои беше сместено Министерството за финансии, што го отежнуваше нормалното и ефикасно функционирање. Ваквиот потфат трајно го реши деценискиот проблем од недостиг на просторни услови за работа, а државата со неговата изградба заштеди значителни средства за закупнина на објектите во кои функционираше Министерството.

Премиерот Никола Груевски истакна дека ова е инвестиција од 15 милиони евра и дека до неа се стигнало со многу работа и посветеност, бидејќи имало многу проблеми за решавање и објектот со години бил заплеткан во спорови.

3333

-Со оваа зграда се решија огромен број на проблеми. Првично, се заштедува на закупнина на сите објекти во кои досега функционираа институциите на Министерството за финансии. Годишно за оваа намена беа исплаќани 600.000 евра. Граѓаните сега нема да губат време да одат на повеќе локации за да ја завршат својата работа со овие служби. Исто така, ставивме крај на лошата слика од која граѓаните се плашеа, а туристите бегаа. На тоа место сега имаме една од најубавите згради во Скопје, истакна Груевски.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, истакна дека е посебно горд што оваа зграда припаѓа во смарт-згради и е насочена кон заштеда на енергија и заштита на околината.

-Кога се инвестира и се вложува време, енергија и средства, треба да кажеме што очекуваме од зградата. Очекувам во неа да се направат добри проекции за раст на македонската економија, очекувам секторот за макроекономија да биде на висина на задачата, очекувам буџетот и трезорот да продолжат со навремено исплаќање на обрските кон граѓаните, фирмите и планирањето на буџетот. Очекувам Бирото за јавни набавки да заштеди дополнителни средства за државата, очекувам секторот даноци и царина да ги задржи најниските даноци во Европа и да овозможи земјава и натаму да има најповолна бизнис клима…, рече Ставрески.

Премиерот од оваа зграда очекува надлежните да продолжат со макотрпна работа, да создаваат повеќе услови за инвеститорите да доаѓаат овде и да вработуваат нови лица, како и министерот и министерството да работат за создавање на услови за повисоки плати, пензии и социјална помoш.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.