ФОТО: Терористот Бег Ризај погребан во Косово со почести како херој

Соборци облечени во забранети униформи и обележја на некогашната Ослободителна војска на Косово учествуваа на погребната церемонија на Бег Ризај, еден од водачите на терористичката група елиминирана во Куманово, што се оддржа во Глоѓан, Косово.

Ризај, кој своевремено беше и телохранител на актуелниот лидер на ДУИ Али Ахмети, беше испратен и од повеќе пратеници од косовскиот парламент, од опозициската партија на Алијансата за иднина на Косово. Нејзниот лидер Рамуш Харадинај, меѓутоа, не присуствуваше на погребот, но таму се појави неговиот брат Даут, пренесе Дневник.

Освен овие пратеници, присутен бил и Глау Коњфуца од движењето „Самоопределување“. Погребот, инаку, бил во организација на општина Дечани, а погребната церемонија се одржала во општинската палта на културата „Јусуф Гервала“. Униформираните соборци на Ризај направија почесна стража, а неговиот ковчег беше прекриен со албанското знаме. Поранешните припадници на ОВК не смеат да носат униформи на оваа поранешна воена формација согласно на договорот кој во 1999 година е потпишан со тогашниот командант на КФОР британскиот генерал Мајкл Џексон. Единствениот политичар кој зборувал на погребот бил Расим Селманај, од Алијансата за иднина на Косово и кој Ризај го нарекол како „херој“.

Тој потенцирал дека „албанското прашање се уште не е решено“. На средбата со роднините на загинатите беше решено Џафер Зимбери, Мирсад Ндрецај, Ваљон Кабаши, Тургај Гаши, Самид Кастриоти, Хисен Рушити, Фатљум Вишесела, Арбен Реџаи да бидат погребани на гробиштата на паднати борци во Приштина. Директорот на судска медицина на Косово, Арсим Грџалиу, не даде детали од повторената обдукција на загинатите. Рече дека резултатите ќе му бидат предадени на обвинителството. Телата на 9-те косовски државјани, кои беа убиени во престрелките со полицијата во Куманово, на Косово беа донесени во петокот наутро, пренесе Дневник.