Фото: Традиционално бадникување во Соборниот храм

Пред платото на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа 23. традиционално скопско бадникување што го организираше Здружението на граѓани Одбор за прослава на Бадник, пренесува МИА.

Манифестацијата почна со промоција на новото бадникарско знаме. Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ги осветија нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот, традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои им се делеа бесплатно на присутните.

1-500

Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан со пригодна беседа им се обрати на верниците и го истакна значењето на Бадник како голем христијански празник.

2-500

– Вистински мир може да се најде само во љубовта кон Бога. Потребно е да живееме во мир и љубов со ближните за да потврдиме дека Бог и неговата наука се наша цел во животот, се наш живот. Кон овие потврдени вредности треба да ги упатуваме нашите помлади генерации и сите кои се уште доволно не ја познаваат и живеат верата во Богомладенецот Христос. Празниците се можност да се потсетуваме за нашите секојдневни обврски и должности и кон Бога и кон луѓето, истакна г.г. Стефан.

Впрочем, посочи Архиепископот охридски и македонски, Бадник треба да ни биде секој ден за да покажеме дека сме ја разбрале и дека ја живееме вистината за спасоносниот настан што се случил во Витлеем.

– Да се помолиме мирот, добрата волја и божикната радост постојано да бидат во нашите души и срца и денес и утре и во сите денови и времиња, рече г.г.Стефан честитајќи го Бадник.

4-500

Здравицата ја кажа здравичарот Благоја Анчевски-Дечко, кој рече „вербата во Бога не одржала, празниците не сплотуваат, Бадник не обединува“. Тој го честиташе Божик и посака здравје, мир, љубов и успех на секој план.

Од годинава воспоставена е нова традиција и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, преодниот бадникарски ќуп, кој го донесе стариот кум Методија Стефановски-Тоде, му го предаде на новиот кум-бадникар Александар Џиковски-Бато.

Трајановски им го честиташе Бадник на верниците и на сите граѓани на Скопје им посака здравје, среќа, успех, благосостојба, духовен мир.

– Да Ви посакам да најдете што повеќе време за своите најблиски, да бидете што повеќе со вашите семејства, да Ви посакам добра мисла и да ви се реализираат сите желби, идеи и планови оваа година. Оваа година нека биде посреќна и побериќетна од претходната и нека е честит Бадник и Божик, посочи градоначалникот Трајановски.

5-500

Новиот кум-бадникар Џиковски-Бато им посака многу здравје и среќа на сите.

Манифестацијата заврши со кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството замина од пред платото на Соборниот храм.