(ФОТО) Венециското биенале го покажува човечкото лице на архитектурата

Традиционалното Венециско биенале, 16-та меѓународно изложба на архитектурата се отвора во сабота претставувајќи едноставни и конкретни проекти кои се одраз на научната и уметничката дисциплина поделена меѓу етиката и естетиката.

Најважната изложба на светската архитектура се одржува годинава на тема „слободен простор“ (freespace), а кустоси на изложбата се архитектките Ивон Гарел и Шели Макнамара, се наведува на интернет страницата на манифестацијата. Поимот „слободен простор“ се однесува на подобрувањето на јавниот просто, со порака дека архитектурата мора да ја одразува „благородноста на духот и човекољубието“, се додава во објавата.

„Творечката дарба на архитектот мора да биде во служба на заедницата“, вели за AFP Макнамара којашто, како и Фарел, во својата професорска кариера особено внимание придава на општествената улога на архитектурата.

Изложбата се одржува на просторот од 3.000 квадратни на Арсенал и Градините, каде што се сместени сто архитектонски студија од 65 земји учеснички. Архитектите ги повикуваат посетителите да открија извонредни проекти, да размислуваат за славните историски зданија и да ја сфатат важноста од пренесувањето на знаењето.

Многу остварувања се минималистички, но восхитуваат, како што е „Сон“ на архитектите Рамон Вилалте, Кармен Пигем и Рафаел Аранда од студиото RCR коешто минатата 2017 година ја доби наградата Прицкер, којашто се смета за своевидна Нобелова награда во областа на архитектурата. „Сон“ е еден вид пештера со светлина во движење кое настанува благодарејќи на користењето на 6.000 лупи.

На годинешното биенале коешто трае до 25-ти ноември, седум земји: Антигва и Барбуда, Саудиска Арабија, Гватемала, Либан, Монголија, Пакистан и Светата столица (Ватикан), по првпат имаат засебен павилјон на венецискиот остров на Свети Георги.

Несекојдневната иницијатива на Светата столица предвидува реализација на десет мали капели според замислитите на десет познати архитекти, меѓу кои се Британецот Норман Фостер и Португалецот Едуардо Соуто де Моура, исто така, добитник на Прицкеровото признание.

Златниот лав за животно дело на биеналето ќе го добие славниот англиски архитект и историчар, 88-годишниот Кенет Фамптон, автор на многу есеи за модерната и современата архитектура кој влијаел на работата на повеќе поколенија студенти и колеги.

„Секое биенале се занимава со некоја тема, овојпат тоа е заедничкиот, слободниот и бесплатен простор“, вели претседателот на Венециското биенале, Паоло Барата.