Теми,Свет

ФОТО/ ВИДЕО: Најкрвавите терористички напади во Русија

ФОТО/ ВИДЕО: Најкрвавите терористички напади во Русија

Најмалку 14 лица загинаа, а 42 беа повредени велат последните информации на руските медиуми за денешниот самоубиствен напад, извршен од жена на железничката станица во рускиот град Волгоград, во близина на нестабилниот кавкаски регион. Во овој реон се наоѓа и зимскиот спортски комплекс Сочи, каде во февруари, во година, треба да се одржат зимските Олипмиски игри.

Француската новинска агенција „Франс Прес“ објави листа на најкрвавите терористички напади во Русија од 1999 година до сега. Дел од терористичките напади се извршени од жени самоубијци, метод кој многу често го користат кавкаските исламски милитанти.

Последниот таков напад бил извршен во октомври, годинава, исто така во Волгоград. Во тој инцидент загинаа шест лица. Бомбашкиот напад го изврши жена од Дагестан, која се саморазнесе во автобус полн со студенти.

Хронологијата на најкрвавите напади во Русија, изработена од АФП, е следната:

13 септември, 1999 година 118 лица се убиени во бомбашки напад во станбена зграда во југоисточниот дел на Москва.

Од 31 август до 16 септември вкупно 293 лица загинуваат во пет одделни терористички напади во Русија.

Во нападот во „Дуборвка“ загинаа 130 лица од непознат гас
Во нападот во „Дубровка“ загинаа 130 лица од непознат гас

23-26 октомври, 2002 година – Група чеченски терористи, тешко вооружени и опремени со многу експлозив, успева да упадне во московскиот театар „Дубровка“ и да земе за заложници 800 цивили. Во операцијата на руските специјални сили за елиминирање на терористите и ослободување на цивилите, загинуваат околу 130 лица, сите задушени од сеуште непознат гас искористен во акцијата.

5 јули, 2003 годинаДвоен самоубиствен напад во Москва за време на одржување на рок концерт. Извршители жени самоубијци, припаднички на чеченските терористи. Убиени 15 лица, а повредени педесетина.

5 декември, 2003 година Самоубиствен напад во воз во југозападна Русија во кој се убиени 46 лица. Одговорноста ја презема чеченскиот терористички лидер Шамил Басаев.

6 февруари, 2004 година Во напад со експлозив убиени се 41 лице во московското метро. Одговорност за нападот презема дотогаш непозната чеченска група која се идентификува со името „Газотан Мурдаш“.

24 август, 2004 година Две жени самоубијци, опремени со појас со експлозив, успеваат да се качат во авиони и да ги активираат бомбите при полетување, и тоа истовремено, едната јужно од Москва, а втората во југозападна Русија. Исходот од терористичкиот напад е вкупно 90 жртви.

Од 1-ви до 3-ти септември, 2004 година, повеќе од 1.000 лица се земени како заложници во основно училиште во градот Беслан, во руската севернокавкаска република Северна Осетија. Најголем дел од заложниците се деца. Злосторството го изведуваат група чеченски терористи. Во акцијата на руските специјални сили за ослободување на цивилите загинуваат над 300 лица.

Вознемирувачко видео: Драматични фотографии од нападот во училиштето во Беслан

27 ноември, 2009 година – 28 лица се убиени во бомбашки напад во патничкиот воз „Невски Експрес“, кој сообраќал на линија Москва – Санкт Петерсбург.

Во нападот во московското метро загинаа 40 лица
Во нападот во московското метро загинаа 40 лица

29 март, 2010 година  – двоен самоубиствен напад во московското метро, кој го извршуваат две жени. Убиени се 40 лица.

9 септември, 2010 година – Во напад со автомобил бомба во Владикавказ, Северна Осетија, терористи убиваат 17 лица.

24 јануари, 2011 година – Самоубиствен бомбашки напад на аеродромот „Домодедово“, во Москва. Загинуваат 35 лица ,а најмалку 46 се ранети.

4 мај, 2012 година –14 лица се убиени, а 120 повредени во двоен напад со автомобили бомби во Дагестан.

28 август, 2012 година – Седум лица, меѓу кои и умерен исламски лидер, загинуваат во напад извршен од жена самоубиец во Дагестан.

20 мај, 2013 година – Осум лица се убиени во Дагестан, при експлозија на два автомобила натоварени со експлозив, во близина на седиштето на судот во престолнината на нестабилната руска република Махачкала во кавкаскиот регион.

21 октомври, 2013 година – Шест лица загинуваат во напад во автобус, полн со студенти, во Волгоград, кој го извршува жена самоубиец од Дагестан.

29 декември, 2013 година – Најмалку 14 лица се убиени, а десетина ранети во самоубиствен напад извршен од жена на железничката станица во Волгоград.