ФОТО+ВИДЕО: Убиен рускиот опозиционер Борис Немцов

Рускиот опозициски политичар Борис Немцов (55), поранешен заменик-премиер на руската влада е убиен доцна синоќа во Москва, пренесува МИА.

Неидентификувани напаѓачи му пукале четири пати во грбот на Немцов, додека се движел по московскиот мост Бољшој Камени, што се наоѓа во центарот на рускиот главен град и недалеку од Кремљ.

Во соопштението на руското Министерство за внатрешни работи се вели дека убиството се случило во 23:40 часот по московско време и дека убиениот бил во друштво на една жена.  Руската телевизија НТВ јавува дека тој бил во придружба на 24-годишната киевска манекенка Ана Дурицкаја.

Интернет страницата со вести на руски јазик Медуза објави дека неколку лица изглегле од еден бел автомобил, пукале во Немцов и потоа со истото возило брзо се изгубиле во непознат правец Полицијата соопшти дека веднаш била организирана потера по убијците.

nemcov_2

Инаку убиството следувало само неколку часа по острите критики за рускиот претседател Владимир Путин, кои Немцов ги упатил во радиоинтервју .  Според Немцов  Путин „со неразумната, агресивна и смртноносна политика на војната во Украина ја вовлекол Русија во криза“.

– Државата има потреба од политички реформи, изјавил Немцов за радиото „Ехото на Москва“.

– Кога власта е концентрирана во рацете на еден човек и кога тој човек владее вечно, тоа ќе доведе до апсолутна катастрофа, апсолутна, нагласил, Немцов.

Немцов ги повикал Русите, кои го поддржуваат „прекинот на руската војна во Украина, кои се за прекин на агресијата на Путин“ да дојдат на маршот „Пролет“ во Марино, регион на Москва, кој беше закажан за утре.

Руските опозициски лидери по убиството на Немцов изјавија дека тој работел на извештај за присуството на руските воени сили во Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин, со соопштение од Кремљ, кое уследи брзо по веста за тешкиот инцидент остро го осуди убиството на Немцов, кој беше еден од водечките политичари на опозицијата.

Во деведесетите години на 20 век Борис Немцов беше прв заменик- премиер на руската влада, додека претседател беше Борис Елцин.

Тој беше творецот на руската економска реформа, но и креатор на, за многумина во Русија и во светот, контроверзната транзиција на земјата.

Немцов сепак беше почитуван како економски реформатор кој својот углед на руската политичка сцена го постигна, работејќи како гувернер во Нижни Новгород.

Кога Путин прв пат беше избран за претседател на Русија во 2000 година во новата влада немаше место за Немцов, кој од тогаш стана остар опозициски политичар, а во подоцнешните години и силен политички противник на тогаш новиот руски лидер.

Синоќешното убиството се случи пред најавениот марш на руската опозиција против украинската војна, закажан за утре во Москва Немцов беше остар критичар на политиката на рускиот претседател Путин и посебно на неговата политика кон Украина.

Во последната порака, што ја упати преку својата страница на Твитер, тој ја повика разединетата руска опозиција на анти-воен протест.

– Ако се согласувате со потребата од запирање на руската војна во Украина и ако се согласувате да се запре агресијата што Путин ја спроведува,тогаш дојдете на протестниот марш, запиша Немцов на својата интернет страница, повикувајќи ги не само опозициските лидери, туку и граѓаните на Москва.

nemcov_3

Жителите на Москва веднаш откако полицијата се повлече од местото на кое беше застрелан Немцов, на мостот во близина на Кремљ почнаа да положуваат цвеќиња за да му оддадат почит на опозицискиот политичар.

Жителите на Киев исто така положуваат цвеќиња пред Амбадата на Русија за да му оддадат почит на Немцов.

Пред две недели, во еден свој авторски напис тој откри дека стравува оти може да биде убиен поради неговото спротивставување на војната во источна Украина.

Убиството на еден истакнат опозициски лидер,каков што беше Борис Немцов, па уште гласен противник на украинскиот конфликт и на претседателот Путин доаѓа во незгодно време за него, кога од САД, ЕУ и од западните медиуми е остро осудуван како „виновник за агресијата“ врз Украина и за распалувањето на сепаратистичките судирања во реонот на Донбас.

фото: BBC