ФОТО: Заврши 16-та Литературна манифестација „Илинден 2015“

Манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓија“ во Дељадровци беше последната дестинација на поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија, на 16-та Литературна манифестација „Илинден 2015“.

Со разгледување на природните убавини на Општината, локалните економски зони, новата населба Јака и заедничка дружба на писателите во прекрасниот манастирски комплекс, заврши годинешната 16-та Литературна манифестација „Илинден 2015“, што цела седмица се одржуваше во Домот на култура „Илинден“, во Општина Илинден. Во друштво на градоначалникот Жика Стојановски, писателите ја искористија можноста да го посетат вечното почивалиште на Митрополитот Полошко-Кумановски Господин Кирил, што се наоѓа во манастирскиот комплекс и да положат свежо цвеќе.

So druzba na pisatelite zavrsi 16 Literaturna manifestacija Ilinden

Писателите не го криеја своето задоволство што имаа можност да учествуваат на една ваква престижна манифестација која, како што изјавија, е од огромно значење за развојот на пишаниот збор и воопшто за културата во нашата земја. Заедничка беше оценката на литератите дека Литературната манифестација „Илинден“ која што секоја година е се побогата со нови содржини, прераснува во препознатлива манифестација која што веќе најде почесно место во календарот на македонските културни настани.

Поклониците на пишаниот збор во Општина Илинден изминатите денови имаа ретка можност да се дружат со педесеттина писатели од земјата и од странство, колку што учествуваа на манифестацијата и да уживаат во нивните стихови. Под мототто „Денови на книгата“, во рамките на манифестацијата се одржа саем на книгата каде посетителите на Домот на култура „Илинден“ можеа да најдат богат избор на книги и да се запознаат со најновите изданија. Притоа, беа промовирани повеќе книги на истакнати автори, беа организирани средби со писатели, беше отворена изложба, а се одржа и традиционалното Литературно матине за деца на кое учествуваа десетмина писатели за деца и млади. Централен настан, со учество на 26 писатели од земјата и од странство, беше Поетскиот митинг „Стихови за душата“.