Магазин

ФОТО: Животот во затворот Ел Салвадор – овде чуварите не управуваат

ФОТО: Животот во затворот Ел Салвадор – овде чуварите не управуваат
Фотографот Адам Хинтон со децении фотографира опасни места ширум светот. Последно место во низата е затворот Ел Салвадор, каде бандата MS-13 му посакала добредојде во нивната заедница.

Тој на најозлогласените и опасни точки на светот прави лични фото-есеи.

2

Неговата одисеја започнала во Доњецк во раните 90-ти, на почетокот на распаѓањето на Советскиот Сојуз. Оттогаш патувал во Газа, Египет, Индонезија, Филипините, Индија, Венецуела, Бразил и низ цела Африка. Многу од неговата работа низ изминатата деценија е фокусирана на буништата на земјите во развој, и како дел од тој проект во 2013 година патувал во Ел Салвадор, централноамериканска земја со највисока стапка на убиства во светот.

1

Пред да оди таму, Хинтон одбегнувал да ја документира културата на бандите. „Мојата идеја беше да покажам дека 95% од луѓето во фавелата се нормални луѓе“. Но, кога слушнал на BBC World Service дека двете ривалски банди во Ел Салвадор – Мара Салватруча (МЅ-13) и Улица 18 (Barrio 18) постигнале примирје, се надевал дека ќе му дадат простор да ги разбере причините зад убисвтвата. Сакал да ги види луѓето, не оружјето.

Примирјето е сега прекинато, а насилството посмртоносно од кога и да било, но во тој краток мир, Хинтон поминал една недела во Лас Викторијас соседството на Сан Салвадор, главниот град, и го посетил Penal de Ciudad Barrios – затвор исклучително за членови на МЅ-13. Надвор го чува армијата, но внатре, 2.600 затвореници имаат слободен пристап до сите места на институцијата, бидејќи чуварите се премногу исплашени да влезат. Затворениците имаат сопствена пекара, работилници за мебел и играчки, па дури и едноставна болница кои ја водат самите.

Хинтон издаде книга со 20 портрети од тетовираните затвореници. На тврдењата дека нивните изрази се непријателски и вознемирувачки, негира велејќи: „Според мене, нивните лица се доста пасивни. Тие беа навистина топли кон мене. Само седевме и се шегувавме“. Вели дека му било сосема безбедно во затворот бидејќи го поканиле шефовите на бандата. Правилата на бандата се таму закон. Освен книгата, Хинтон ги објавил фотографиите на неговата веб страница, а направил и краток филм.

3

МЅ-13 и Barrio 18 потекнуваат од салвадорските бегалци кои во 1980-тите побегнале од граѓанската војна и се сместиле во Лос Анџелес. Кога војната завршила во 1992 година, биле вратени во Ел Салвадор, носејќи ја културата на бандите со себе. Хинтон сака да ја прикаже приказната за граѓанската војна и класниот конфликт кој сé уште беснее низ Ел Салвадор. Не ги претставува бандите како безумно насилни – нивното насилство потекнува од сиромашно, поделено општество. Една причина поради која одбива нарачки е што не сака мислењата на другите луѓе да влијаат на него. Преферира да развива сопствени.

Во Лас Викторијас, Хинтон ручал со водач на бандата кој штотуку претрпел загуба – еден од неговите млади информатори бил убиен. Присуствувал и на погребот на мртвородено дете кое умрело бидејќи на неговата мајка, која била во затвор поради дрога, не ѝ било дозволено да оди во болница навреме за да се породи. Сведочел и на погребот на човек кој не бил член на МЅ-13, а бил убиен од Barrio 18, само затоа што живеел во соседство управувано од МЅ-13.

4

„Ми беше шокантно што бев таму, сред примирје, во таа заедница и за само една недела имаа 2 смртни случаи поврзани со бандите и насилството“.

 

Во своите фотографии не сака да стави акцент на насилството, туку на страдањето и човечноста на сите тие жители на Лас Викторијас.

„Наместо да ги гледам овие места како закана и полни со лоши луѓе, мојата идеја е да кажам: Ова е семејство, ги сакаат истите нешта како нас, сакаат работа, пристоен дом, подобар живот за нивните деца. Има основни човечки потреби на кои секој има право. Сочувствувам со овие членови на бандите. Тие се таму, тие се заробени, а нема ништо што можат да направат“, вели Хинтон.

Извор: Точка