Фотографија од Баба Планина избрана меѓу 15. најубави во светот

Битолчанецот Сашо Попоски, фотограф аматер, вљубеник во природата, а посебно во планините, со својата фотографија од планината Баба го освои 15. место во Светот на отворениот натпревар на светската инфо-мрежа, енциклопедија Википедија.

Попоски за МИА вели дека учествувал на отворениот светски повик и натпревар „Вики ја сака Земјата“ и со фотографијата (во прилог) го освои 15. место во светот.

– Станува збор за светски натпревар, волонтерска акција на Википедија која собира слики за нејзината ризница. Натпреварот беше организиран под мотото „Вики ја сака Земјата“ и притоа можеше да се понудат фотографии со национални природни богатства, национални паркови, животни, езера и слично. Јас ја испратив фотографијата сликана на падините на планината Баба кај месноста „Ловечка Куќа“ каде има слободни неорганизирани живописни скијачки терени. Сликав во март, веднаш по скијањето на храбри момчиња кои ја користат таа снежна патека, а меѓународното стручно жири на Википедија ме извести дека го освоив 15. место во Светот, и фотографијата ќе биде поставена на календар, потврди Попоски.

Тој посочи дека на светскиот натпревар „Вики ја сака Земјата“ првонаградена е фотографијата на фотограф аматер од Пакистан, а меѓу најдобрите се и фотографии на фотографи од Австрија, Германија и Бразил.

– Минатата година исто така учествував на светскиот фото-натпревар на Википедија и за фотографијата фотографирана на планината Галичица добив трета награда и паричен надоместок. Фотографирањето на природни реткости за мене е предизвик и ќе продолжам да го збогатувам мојот фонд со ретки фотографии, кој во моментов ја надминува бројката од 3.000, истакна фотографот и планинар Сашо Попоски.