Фрај: Целта е во Македонија да има избори во блиска иднина

Еден од најдобрите познавачи на Македонија и западниот Балкан во Бундестагот пратеникот Торнстен Фрај, смета дека е неопходна имплементација на договорот од Пржино, а повлекувањето на аболицијата од страна на претседателот Иванов го оценува како позитивен чекор. Додава дека целта на сите напори е да се одржат избори во блиска иднина.

Сега, според влијателниот член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, се се сведува на прочистување на гласачките листи и независноста на медиумите. Тој бара внимателност од политичките фактори во Македонија и приближување на ставовите меѓу ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ.

Понекогаш имам чувство дека некои работи се задржуваат од страна на опозицијата просто затоа што изборните анкети не ветуваат ништо добро, вели во изјава за дописникот на МИА од Берлин Фрај, кој е известувач од Комисијата за надворешни работи на владејачката партија ЦДУ/СЦУ.

Пратеникот Фрај верува дека Македонија треба да добие мотивација и охрабрување, како и вистински европски перспективи. Одговорноста за тоа што Македонија со години нема јасни европски перспективи ја гледа во Грција која поради своите национални интереси  во проблемот со името го втурна целиот континент.