Фрај: Македонија заслужува фер договор на патот кон Европската унија

Македонија заслужува фер однос од ЕУ. Германија има посебен фокус на земјите од западниот Балкан особено на Македонија која заслужува поддршка на својот пат во ЕУ и НАТО.

Ова го истакна пратеникот Торнстен Фрај, од партијата ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел на срeдбата која вчера ја имаше со делегација на ВМРО – ДПМНЕ предводена од Никола Груевски.

Фрај вели дека Германија е свесна за своите потешкотии на евроатлантскиот пат и високо ја цени улогата на Македонија во надминување на бегалската криза минатата година. Земјата, вели Фрај, заслужува фер однос од ЕУ.

– Членството на Македонија во ЕУ е долг процес, но мора да биде апсолутно јасно дека Македонија заслужува многу фер договор на својот пат кон Европската унија. Изминатите години ЕУ не беше секогаш фер кон Македонија. Ние можеме да видиме, да препознаеме неколку моменти во кои земјата оди напред особено одлуката од минатата недела во декември да се одржат предвремени парламентарни избори и мора да забележиме дека ВМРО – ДПМНЕ и поранешната влада во Македонија спроведе неколку точки од дебатата во Македонија. Многу ми е драго и сум оптимист што ќе биде можно да се вратиме на дијалог базиран на политичка култура во Македонија и тоа е  многу важен момент да се дојде поблиску до Европската унија и влезот во неа, изјави Торнстен Фрај по работната средба.

Предходно, делегацијата на ВМРО – ДПМНЕ се сретна со Јурген Хард, одговорен за надворешна политика во владејачката коалиција ЦДУ/ЦСУ и за прашањата поврзани со НАТО.

– Водев добри разговори со делегацијата предводена од г. Никола Груевски. Зборувавме за многу теми, меѓу кои и за мигрантите каде Македонија одигра значајна улога за цела Европа, за што ние и понатаму тесно ќе соработуваме. Со задоволство слушнав дека деновиве е постигнат договор за одржување на избори на 11 декември, изјави Хард, кој го поздрави развојот на настаните во Македонија во контекст на закажаните избори.