Франција не му дава азил на Асанж

Франција не му дава азил на Асанж

Елисејската палата му даде негативен одговор на јавното барање на основачот на Викиликс, Џулиан Асанж испратено преку весникот „Ле Монд“, во кое побара од Франција да му даде азил, јави дописникот на МИА од Париз.

– Потребно е продлабочено разгледување на барањето, имајќи ги пред вид правните елементи и материјалната ситуација на Асанж, Франција не може да го задоволи неговото барање. Ситуацијата на Асанж не претставува итна опасност за него, се вели во соопштението на Елисејката палата, во кое се појаснува дека против Асанж е издаден европски налог за апсење.

Во отвореното писмо објавено во весникот „Ле Монд“, основачот на Викиликс го повикува францускиот претседател Франсоа Оланд и Франција да го прифатат неговото барање за азил, бидејќи како што тврди неговиот живот е „загрозен“.

– Како земја-членка на Европската унија, како држава ангажирана во текот на нејзината историја во борбата за вредности што се и мои, како петта светска сила, како земја која ми го одбележа животот и во кој живеев дел од него, Франција може, ако сака, да дејствува, напиша Асанж во своето писмо.

– Мојот живот сега е во опасност, господине Претседателе, и мојот физички и психолошки интегритет е… загрозен, напиша Асанж, кој е роден во 1971 година во Австралија и кој сега живее во егзил во Амбасадата на Еквадор во Лондон.

– Само Франција сега е во состојба да ми ја понуди потребната заштита од… политичкиот прогон, на кој сум изложен денес, додава тој.