Магазин

Франција го забрани снимањето акциони сцени на улиците на Париз

Франција го забрани снимањето акциони сцени на улиците на Париз

Франција воведе рестрикции за снимање на сцени од акциони филмови во Париз, градот кој досега служеше како „филмски град“ за некои од најпознатите акциони секвенци во историјата на филмот.

Причина за ваквата одлука е тоа што актерите би можеле да бидат сфатени како вистински полицајци, а сцените за потрага како вистински настани.

Снимањето сцени на отворено со полиција, војска и безбедносни служби е забрането по терористичките напади во Париз врз сатиричниот неделник „Шарли ебдо“ и продавницата за кошер на почетокот на јануари.

– Има проблем со овие акциони сцени, затоа што актерите би можеле да бидат мета на терористите. Исто така, актерите може да создадат конфузија за јавноста во овој доста чувствителен период, изјавила Силви Берно, портпарол на полицијата задолжена за издавање дозволи за снимање во Париз за АП.

Таа неможела да каже колку долго оваа забрана ќе биде на сила, но тензиите и понатаму се високи во Париз, а вооружените полицајци и војници и понатаму се поставени пред некои клучни локации, како што се синагогите, медиумите и главните шопинг центри.

Инаку досега Париз беше филмски град кој беше омилена локација за снимање, посебно за сцените со автомобилски потери во кои се гледаат некои од најпознатите светски знаменитости.

Ањес Нагот од Филмската мисија на градот Париз изјавила дека забраната би можела да влијае на големите американски продукции и дека сега не е вистински момент за снимање на вакви сцени.

Таа додала дека дури ни Стивен Спилберг не би можел да добие дозвола да сними некоја голема сцена со полиција и пукотници на улиците на Париз.