Франција и Германија се согласиле за ангажманот на НАТО против ИД

Франција и Германија на состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп ќе прифатат НАТО официјално да преземе поголема улога во борбата против Исламската држава (ИД), но се упорни тоа да биде симболичен чин, изјавиле за Reuters европски дипломати.

Одлуката да се дозволи НАТО да ѝ се придружи на коалицијата против Исламската држава во Сирија и во Ирак е донесена по седмиците притисоци врз двата сојузника коишто ги загрижува судирот на НАТО со Русија во Сирија и влошувањето на односите со арапските земји кои сметат дека Алијансата ги застапува западните планови и интереси во регионот.

„НАТО како институција ќе ѝ се придружи на коалицијата. Прашањето е дали е тоа само симболичен потег кон САД. Франција и Германија веруваат дека е така“, рекол за агенцијата воисок дипломат вклучен во преговорите.

Во текот на летот со претседателот Доналд Трамп на самитот на НАТО во Брисел, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во средата рекол дека придружувањето на коалицијата од 68 држави којашто ја предводат САД би бил важен чекор за Алијансата.

Висок француски дипломат рекол дека Париз е подготвен да го прифати вклучувањето на НАТО, но дека неговата улога ќе биде ограничена на обука и разузнавачко дејствување, во што сојузниците веќе се вклучени.

Европскиот и функционери од САД сакаат да му покажат на Трамп, кој НАТО го нарекуваше „застарена“ организација бидејќи смета дека не прави доволно во борбата против тероризмот, дека сојузот е подготвен да одговори.

Инаку сите 28 членки на НАТО се и членки на споменатата коалиција, но сојузот како формален член би можел да биде вклучен и да придонесува со опрема, обука и стратешки знаења коишто ги усвоил во борбата против Ал Каеда и талибаните во Авганистан.