Франција ќе исплати оштета за Евреите кои со француски возови биле носени до логорите

Франција одлучи да им исплати 60 милиони долари на стотици преживеани од Холокаустот кои во моментов живеат во САД, а за време на Втората Светска војна до камповите на смртта биле носени со француски возови, пишува Телеграф, пренесува Нетпрес.

Исто така, обесштетување ќе добијат и стотици наследници на лицата кои биле пренесувани со товарни возила кои се во сопственост на француската железничка компанија SNCF.

Во моментов во САД има околу 250 преживеани кои ќе добијат обесштетување. Тие би можеле да добијат и по 100 000 долари, а сопружниците и наследниците на преживеаните кои веќе починале ќе добијат по неколку десетици илјади долари.

Во периодот од 1942 до 1944 година нацистите пренеле околу 76 000 Евреи до концентрационите логори со помош на француските товарни вагони. Од нив преживеале само 3 000.

Француската компанија тврдеше дека немале никаква контрола врз она што се случувало и дека била само еден „механизам во машината за истребување на нацистите“, па затоа обесштетувањето треба да биде исплатено од страна на владата.

Досега Франција исплатила повеќе од 6 милијарди долари, но само на француски државјани. Компанијата SNCF најави дека во следните пет години ќе донира 4 милиони долари за изградба на споменици за Холокаустот и музеи во САД, Франција и Израел.