Франција: Лепен во водство по пребројување на 30 отсто од гласовите

(© REUTERS / Pascal Rossignol)

Антиевропски ориентираната челничка на француската крајна десница Марин Лепен води во првиот круг од претседателските избори во Франција по преброените една третина од гласачките ливчиња, соопшти во неделата вечерта министерството за внатрешни работи кое е задолжено за организација и обработката на изборниот материјал.

По пребројувањето на 30 отсто од избирачкиот материјал, Лепен е во водство со 24,78 отсто. Нејзиниот најголем ривал, проевропскиот центрист Мануел Макрон освојува 21,75 проценти, додека конзервативниот кандидат Франсоа Фијон е трет со 19, 65 отсто.

Марин Лепен, челник на Националниот фронт, кој долго време беше сметана за „несистемска“ партија, дојде на чело на партијата во 2011 година, наследувајќи го својот тато основач на партијата Жан-Мари Лепен. Оваа партија основена во 1972 година се залага за конзервативните вредност, во прв ред за ограничување на имиграцијата, и ревизија на европските интеграции. На последните локални избори поради традиционалната коалиција меѓи конзервативците и социјалистите, иако во мнозинството региони беше во водство по првиот круг не освои ниеден, но постигна историски успех во советите. На изборите за Европскиот парламент, пак, Националниот фронт освои 25,4 отсто од гласовите.

Првичните резултати и резултатите од излезните анкети кои покажаа дека 48-годишната Лепен сигурно ќе се пласира за вториот изборен круг кој ќе се одржи на 7 ми мај, нејзините соработници ги поздравија како „историска победа на патриотите и поборниците на суверенитетот“.

„Опстанокот на Франција е доведен во прашање. Французите мора да ја зграпчат оваа историска шанса. Изборот сега е меѓу дивата глобализација, светот во кој терористие можат слободно да патуваат или Франција со цврсти граници“, изјави Лепен порачувајќи им на своите приврзаници и гласачите.

„Првата етапа која треба да доведе во Елисејската палата (претседателската резиденција – з.р) е решена, Ова е историски резултат. Време е францускиот народ да се ослободи од арогантните елити“, рече Лепен и оцени дека само таа може да донесе вистинска промена.

За Макрон, со кого ќе се соочи со вториот круг по две седмици, Лепен рече дека е „наследник“ на претседателот во заминување Франсоа Оланд.

„Французите ја изразија желбата за обнова. Нашата логика од сега е окрупнување и така ќе продолжиме до парламентарните избори“, изјави поранешниот министер за економија, 39-годишниот Емануел Макрон кој ланскиот август се повлече од владата на Социјалистичката партија, го основаше движењето Напред и во ноември објави дека ќе се кандидира за претседател на Франција.

Според сите предизборни анкети, Лепен ќе биде поразена во вториот круг. По објавувањето на првичните резултати, следеа во серија повици до француското гласачко тело во вториот круг да гласа за Макрон.

„Сериозно ги повикувам гласачите да гласаат за Емануел Макрон во вториот круг… за да биде победен Националниот фронт и да се биде блокиран нивниот злокобен план да ја уназади Франција и да ги подели Французите“, изјави Бернар Казнев, премиер на владата на владејачките социјалисти кои на овие избори претрпеа нов тежок пораз.

И кандидатот на десниот центар, од конзервативната партија Републиканци, поранешниот премиер Франсоа Фијон кој до јануари до избувнувањето на скандалот со непотизмот со неговото семејство важеше како апсолутен фаворит, ги повика своите избирачи да гласаат за Макрон. „Не постои поинаков избор туку да се гласа против крајната десница, јас ќе гласам за Емануел Макрон“, порача Фијон пред своите приврзаници.

Кандидатот на социјалистите, Беноа Амон, прв од сите кандидати го повика своето гласачко тело во вториот изборен круг да го поддржат центристот Макрон. „Ве повикувам да ја победите крајната десница гласајќи за Макрон“, рече Амон пред своите приврзаници и порача „Левицата сé уште не е мртва“.

Проекциите и пребројувањето на гласовите покажуваат дека Амон добил само меѓу 6 и 7 отсто од гласовите. Таквиот многу скромен резултат се смета за одговор на гласачите на мандатот на претседателот на заминување, социјалистот Франсоа Оланд кој од должноста ќе замине со историски најнизок рејтинг.

Во првиот круг од изборите одѕивот изнесуваше околу 70 отсто, што е едно од најдоброто излегување на гласачите во речиси четириесет години, соопшти министерството за внатрешни работи. Нивото на мобилизација на 47 милиони избирачи беше клучот на овие избори, бидејќи секој четврти Французин со право на глас до последниот момент не беше решен за кого ќе гласа.

Три дена по нападот за кој одговорноста ја презема џихадистичката организација Исламска држава на париската авенија Елисејски полиња, во кој беше убиен еден полицаец а ранети уште двајца, во Франција беа распоредени 50.000 полицајци и 7.000 војници за обезбедување на безбедноста на изборниот ден.

По серијата терористички напади од почетокот од 2015 година, во коишто вкупно се убиени 239 луѓе, Франција првпат ги организираше претседателските избори во режим на вонредна состојба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.