Франција: Макрон минува во водство пред Лепен

Основачот на центристичото движење Напред, Емануел Макрон мина во водство пред челничката на крајната десница Национален фронт, Марин Лепен, во првиот круг од француските претседателски избори, покажуваат податоците на министерството за внатрешни работи кое е одговорно за спроведувањето и резултатите од гласањето.

По пребројувањето на над 70 отсто од гласачките ливчиња, Макрон е во водство со 23,40 отсто од гласовите, додека Лепен сега има 22,62 отсто.

Кандидатот на конзервативните Републиканци, поранешниот премиер Франсоа Фијон е трет со 19,69 отсто, а челникот на левицата Непокорна Франција, Жан-Лук Меланшон совил 18,47 отсто од гласовите.

Според излезните анкети објавени веднаш по затворањето на избирачките места, Макрон освоил од 23 до 23,7 отсто од гласовите, додека Лепен, добила од 21,7 до 23 отсто. Третиот фаворит, поранешниот премиер и кандидат на најголемата опозициска партија Републиканци, Франсоа Фијон, освоил 19,5 отсто, според процените на Ipsos.

Сепак, без разлика на соодносот на силите во првиот круг, сите досегашни анкети покажаа дека во вториот круг на 7 мај, Лепен ќе биде поразена од Макрон. Покрај тоа, во неделата вечерта, веднаш по објавувањето на излезните анкети, повеќето од кандидатите кои освоија помалку гласови од водечката двојка за вториот круг ги повикаа своите гласачи да гласаат за Макрон, односно против Националниот фронт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.