Франција: Мирни протести за Газа

Илјадници Французи мирно протестираа во Париз и уште неколку градови заради израелската офанзива во Газа.

Демонстрантите се одзвале на повикот на левичарските партии, синдикатите, групите за заштита на човекови права и пропалестински организации, барајќи „итен прекин на бомбардирањето и злосторничката блокада на Газа“.

Според проценките на организаторите на протестите, кои властите овојпат ги дозволија, во Париз учествувале околу 25.000 луѓе, додека полицијата наведува дека имало најмногу 14.500.

Демонстрациите, кои се завршени околу 20.00 часот, биле мирни, освен неколку инциденти кога биле фрлени шишиња на полицијата, но и обезбедувањето кое го ангажирале организаторите спречило да се претворат во сериозни судири.

Демонстрантите носеле пароли „Бојкот на Израел“ и „Израел убиец“, а над колоните се виорела неколку метри долгото знаме со боите на Палестина. Тие извикувале „Израел убиец“, Оланд оставка, „Да живее Палестина, да живее отпорот“.

Франција има најмногу еврејски и муслимански заедници во Западна Европа и затоа заострувањето на ситуацијата на Блискиот исток, како и сега во појасот Газа, предизвикува тензии во таа земја.

Учесниците на денешните демонстрации истакнале дека тие не се антисемити, туку дека едноставно се спротивставуваат на акциите на Израел во Газа. Во демонстрациите минатата сабота во Париз и неговот северно предградие Сарсел групи на млади ограбувале продавници и ја напаѓале полицијата, а во неделата се нападнати две синагоги во главниот град на Франција.