Франција му дозволи влез на руски министер и покрај европските санкции

Франција му дозволи на рускиот министер за земјоделство Александар Ткачов да влезе на нејзина територија и покрај европските санкции против Русија поради нејзините дејствија на Крим и во источниот дел на Украина.

Ткачов предводи делегација, која пристигна во Париз да учествува на заседание на Светската организација за здравје на животните. Засега не се знае зошто Париз дозволил да му се издаде виза на рускиот министер за влез во ЕУ. Во јануари оваа година Германија одби да му издаде виза на истиот министер.

Во Франција некои политичари побараа укинување на санкциите против Русија. Минатиот месец Долниот дом на францускиот Парламент гласаше за повлекување на европските санкции кон Москва, но ваквата одлука не е правно обврзувачка.

Министерот Ткачов се наоѓа на листата на физички лица од Русија, на кои им е забранет влез во ЕУ од средината на 2014 година. Во тој период тој беше гувернер на руската јужна област Краснодарск, кој доби медал од гувернерот на Крим за неговата поддршка во присоединувањето на полуостровот кон Русија.