Франција не се плаши од агресивниот Хондурас

Репрезентацијата на Франција важи за апсолутен фаворит кога е во прашање премиерниот натпревар од групата “Е” и се освен убедлив триумф во дуелот против селекцијата на Хондурас ќе биде дефинирано како вистинска сензација.

Иако на располагање ги нема услугите на најдобриот фудбалер, Франк Рибери, кој има незгодна повреда на грбот и остана во Франција, предводникот на “Галските Петли”, Дидие Дешамп, располага со одличен тим кој не смее да има некакви посериозни проблеми во дуелот со апсолутниот аутсајдер.

„Мислам дека има поагресивни репрезентации од Хондурас, но нема со тоа да ги замарам моите фудбалери. Хондурас има таков стил на игра веќе две години, игра со формација 4-4-2. Го гледав нивниот пријателски натпревар против репрезентацијата на Англија. Добро се подготвени, добро се организирани. Многу квалитетна репрезентација и не ми се допаѓаат коментарите дека нивна главна одлика е агресивната игра”, изјави селекторот на Франција, Дидие Дешамп.

Дуелот помеѓу Франција и Хондурас стартува во 18:00 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.