Франција нема да дозволи преместување на седиштето на ЕП од Стразбур

Никогаш Франција нема да дозволи било каква измена на договорите со кои ќе биде ставен во прашање на статутот на европска престолнина на Стразбур, изјави денеска претседателот на Франција, Франсоа Оланд.

Оваа изјава нема да биде по вкус на „незадоволните“ европратеници кои со години се залагаат за преселување на седиштето на Европскиот парламент во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од Стразбур, на ова барање на дел од европратениците, се спротиставува ветото на Франција, бидејќи една ваква одлука за промена на седиштето на Европскиот парламент, потребно е да биде донесена едногласно од сите влади на земјите членки на Европската Унија.

При последната посета на Стразбур, Франсоа Оланд го потпиша новиот план Држава-Регион Алзас за 2015-2020 и новиот тригодишен договор за „Стразбур европска престолнина“, еден вид државна помош која служи за финансирање на проекти за да се зацврсти европскиот статус на Стразбур.

Од вкупно околу една милијарда евра за двата договора, речиси половината се инвестиции за Стразбур, „бидејќи е во интерес на Франција да стави повеќе средства. Овие инвестиции се однесуваат на транспортот, енергетската транзиција, високото образование, науката и новаторството, дигиталната технологија и културата.