Франција и Португалија во борба за трофејот на ЕУРО 2016

Домаќинот Франција и репрезентацијата на Португалија вечер од 21 часот на „Стад де Франс“ во Сен Дени ќе го почнат финалето на Европското фудбалско првенство.

Французите беа европски прваци во 1984 година, кога исто така беа организатори на Првенството, во 2000 година, а на истиот стадион на кој е закажано вечерашното финале, во 1998 година станаа и светски шампиони.

Од друга страна, Португалија се уште го чека првиот трофеј од шампионатите на Стариот континент. До него Португалците беа најблиску во 2004 година, кога на свој терен во финалето загубија од Грција со 1:0.

„Триколорите“ на домашен терен се речиси непобедливи. Иако на овој турнир пред почетокот не беа први фаворити, сепак со триумфот над Германија во полуфиналето докажаа дека кога играат на свој терен се подготвени за високи резултати.

Французите во групната фаза ги победија Романија и Албанија, а со Швајцарија ремизираа. Потоа, во осминафиналето ја елиминираа Република Ирска, во четвртфиналето Исланд, а во полуфиналето беа подобри од големиот ривал Германија.

Португалците по трите нерешени резултати во групната фаза со Исланд, Австрија и Унгарија, во осминафиналето во продолженијата ја елиминираа Хрватска, во четвртфиналето на пенали беа поуспешни од Полска, а во полуфиналето го совладаа Велс.

Останува да се направи последниот решавачки чекор кон титулата, а кој ќе биде посупешен во тоа ќе се знае доцна вечер.

Главен судија на натпреварот ќе биде Англичанецот Марк Клатенбург.