Франција се бори хакирањето на Макрон да не влијае врз исходот од изборите

Франција се обидува да спречи наводниот хакерски напад врз центристичкиот претседателски кандидат Емануел Макрон да влијае врз резултатот од вториот круг од изборите, па во саботата објави предупредување дека објавувањето на тие податоци за кои се тврди дека наводно се украдени од изборната кампања претставува кривично дело.

Изборниот штаб на Емануел Макрон доцна во петокот ноќта, неколку часа пред настапувањето на предизборниот молк,соопшти дека е жртва на „масивен и координиран“ хакерски напад чијашто цел е да се влијае врз вториот круг од претседателските избори во недела на коишто се соочува со кандидатката на крајната десница Марин Лепен.

Документите коишто протекоа во петокот на интернет се наоѓале во електронската пошта на изборниот штаб хакирана пред неколку седмици. Станува збор за електронски преписки на Макрон, но медиумите прашуваат зошто не било објавен упадот кога бил претходно откриен.

Според тврдењата на кампањата на Макрон, тие документи наводно на интернет биле помешани со лажни коишто требало „да посеат сомнежи и дезинформации“, а притоа се довава дека тоа е обид за „дестабилизиација на француските претседателски избори, слично на она што минатата година се случи во САД“.

Со тоа јасно се посочува на шпекулациите и обвинувањата од страна на претседателската кандидатка Хилари Клинтон, дека наводно руските тајни служби преку хакерски групи ги објавувале компромитирачките материјали украдени од серверите на нејзината Демократска партија, барајќи причина за својот неочекуван пораз во трката со републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Клинтон беше поразена иако сите анкети покажуваа нејзина сигурна победа, како и сега во Франција каде сите истражувања на јавното мнение укажуваат на сигурна победа на Макрон во недела, иако последната седмица Лепен значително го подобри својот рејтинг. Но политичките коментатори, исто така, постојано предупредуваат на можно изненадување како во случајот на победата на Трамп и претходно ланскиот јуни на британскиот референдум за истапување од ЕУ.

Скандалот во Франција се случи во последните часови пред земјата да влезе во периодот на предизборниот молк кога на политичарите име забрането да го коментираат овој настан. Истекувањето на податоците се случи кога Макрон, поранешен инвестициски банкар и класичен примерок на францускиот елитистички естаблишмент и поранешен министер за економија, според анкетите, има речиси двојна предност пред Лепен.

„Во пресрет на најважното гласање за нашите институции, комисијата ги повикува сите кои се присутни на интернетските страници и социјалните мрежи, во прв ред медиумите, но и граѓаните, да покажат одговорност и да не ја шират оваа содржина за да не влијаат врз резултатите од овие избори“, соопшти во саботата попладнето француската изборна комисија.

Комисијата би можела да има тешкотии при контролата на раширувањето на компромитирачката содржина во време кога повеќето луѓе вестите ги читаат онлајн, информациите слободно циркулираат преку границите преку глобалниот сервис, а многу корисници остануваат анонимни.

Француските медиуми со различни коментари ги проследија информациите за наводното хаирање на Макрон.

Левиот дневен весник La Liberation информацијата ја стави на насловната страница на своето електронско издание, но телевизиските канали воопшто не го споменаа.

Весникот Le Monde на својата интернет страница истакна дека нема да ја објави содржината на преписката додеа не завршат изборите, делумно и поради тоа што толку големо количество податоци бара време да биде обработено, но и затоа што е очигледно дека целта на ова објавување било токму да се влијае врз неделните избори, според весникот.

„Доколку тие документи содржат некои откритија, секако дека Le Mond ќе ги објави откако ќе ги истражи, почитувајќи ги нашите новинарски и етички принципи, без нашиот дневен ред да ни го условуваат анонимни фактори“, соопшти весникот.

Флориан Филипот, заменикот на Марин Лепен во нејзината партија Национален фронт, на Twitter го постави прашањето: „дали Макронликсите ќе нé научат на нешто околу што истражувачкото новинарство намерно молчело?“, повикувајќи се на ознаката #Macronleaks со којашто се означува расправата за овој случај на социјалните мрежи.

Речиси девет гигабајти податоци, за кои се тврди дека му припаѓаат на штабот на изборната кампања на Макрон беа објавени преку профилот EMLEAKS на интернет страницата Pastebin којашто дозволува анонимно споделување на датотеки.

Во почетокот не беше јасно кој стои зад објавувањето, но движењето „En Marche!“ (Напред) коешто го основа Макрон откако поднесе оставка во социјалистичката влада со цел да се кандидира на изборите, соопшти дека целта на овој наводен хакерски напад е „дестабилизација на демократијата“ и нанесување штета на движењето.

Изборите во неделата се сметаат за едни од најважните за Франција во последните неколку децении поради двата дијаметрално спротивни ставови на кандидатите во врска со иднината на Европската унија и француското место во светот. Лепен сака затворање на границите за доселениците и излегување од евоозната, додека Макрон бара поцврста европска соработка и поотворена економија, којашто Брисел ја поздравува во предизборието поради стравот од евентуалната победа на европскептичната кандидатка, но по изборите очигледно ќе мора за тоа да се преговара особено со Германија, којашто има сосема поинакви ставови за економијата во ЕУ отколку што се француските.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.