Франција се заблагодари за поддршката и солидарноста од Македонија

Државниот секретаријат за европски прашања на Република Франција во името на Владата и на францускиот народ упати благодарност до Секретаријатот за европски прашања и државниот врв за изразената поддршка и солидарност по случувањата во Париз.

– Франција е погодена во срце, но Вашето сведоштво ни покажа денес дека сите бранители на демократијата се чувствуваат погодени, засегнати и мобилизирани… Терористите, денес во Франција, како порано на други места низ Европа и светот, сакаат да не заплашат и да не разделат. Затоа ние треба, да застанеме исправени и да одбиеме да отстапиме од нашите слободи, да ја засилиме уште повеќе заедничката борба против тероризмот и да ги обединиме нашите земји и општества против омразата и варваризмот, околу заедничките демократски вредности и толеранцијата, се вели во писмото упатено од францускиот државен секретар за европски прашања Арлем Дезир до вицепремиерот Фатмир Бесими.

Вицепремиерот Бесими испрати писмо со сочувство, а во понеделникот се потпиша и во книгата на жалост отворена во Француската амбасада во Скопје каде напиша „Најдобриот свет за нас е оној кој го живееме заедно. Заедно за слобода. Заедно за толеранција“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.