Франција: Супермаркетите ќе мора да ја донираат непродадената храна

Владата во Франција презема чекори за да се намали фрлањето на храната, поставувајќи забрана за уништување на непродадените производи. Наместо тоа, француските супермаркети ќе мора да ја донираат храната во добротворни здруженија и организации, пишува Раша Тудеј, повикувајќи се на АФП.

Оваа одлука беше изгласана денес, а со неа се забранува намерното уништување на храната за да неможе понатаму да се консумира.

– Скандалозно е да се види дека се истура белило во кантите за отпадоци во супермаркетите врз храната која може да се јаде, вели социјалистот Гијом Гаро, поранешен министер за храна, кој ја поддржа одлуката.

Со новата легислатива, големите супермаркети, оние што се над 400 метри квадратни ќе мора да ја дадат непродадената храна на која сеуште не и е поминат рокот на траење, во добротворните здруженија и организации за да им се даде на сиромашните и гладните. Тука спаѓаат и оние производи што биле погрешно спакувани или со оштетена амбалажа или оние што и покрај изминатиот рок на траење не се опасни за да се конзумираат.

Храната која е со поминат рок на траење ќе се донира во фармите за да се користи како храна за животни или како компост.