Свет

Франција: Жестока полемика по смртта на еден учесник во демонстрации

Франција: Жестока полемика по смртта на еден учесник во демонстрации

Смртта на 21-годишно момче, кое учествуваше во протести против изградбата на брана за вештачко езеро во Сивенс во Тарн, предизвика жестока полемика во Франција, посебно меѓу Зелените и Владата, јавува МИА.

– Ова е апсолутен скандал и неизбришлива дамка врз акцијата на оваа Влада, изјави пратеничката од редовите на Зелените Сесил Дифло. Инаку ова е прв смртен случај во Франција при демонстрации, по оној во Париз во 1986 година, кога на студенстките протести загина Малик Усекин.

Претседателот Франсоа Оланд и премиерот Мануел Валс мораа да интервенираат во полемиката ветувајќи дека ќе биде „откриена вистината за смртта“ на Реми Фрес, повикувајќи на „одговорно“ однесување по нападите кои дојдоа од редовите на еколошките движења против силите на редот и владата.

Според првите сознанија од истрагата, Реми Фрес го изгуби животот во жестоките судири меѓу мобилната жандармерија со учесниците на протестот, при експлозија, најверојатно од граната со солзавец или шок бомба која ја употребуваат силите на редот. Но, вистинското потекло на експлозијата се уште не е утврдено.

Семејството на момчето планира да поднесе тужба за намерно убиство, направено од едно или повеќе лица кои располагаат со јавната власт.