Француска продукција заинтересирана да снима филм во Македонија

Француската филмска продукција „2017“ со седиште во Лион и „М дигитал“ од Лондон најавија можност за снимање филм во Македонија, пренесе МИА.

Како што денеска соопшти Министерството за култура, нивните извршни директори на средбата со министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска што се реализираше при посетатата на Париз, изразиле подготвеност да ги снимаат своите следни филмски проекти на локации во Македонија.

Од француската продукција потврдиле дека на 17 овој месец ќе ја посетат Македонија со цел да остварат средби со надлежните институции и филмски работници. За време на престојот, планирано е да посетат и повеќе места кои би можело да бидат потенцијални локации за снимање на нивните филмски проекти. Продуцентите од Франција изразиле интерес и за проектот за изградба на филмско студио, за кое веќе е обезбедена локација во општина Зелениково.

Министерката за култура ги информирала француските продуценти за заложбите на Владата во областа на филмската дејност и за измените на Законот за филмска дејност со кој значително е олеснета соработката со странските продукциски куќи кои се заинтересирани да снимаат во Македонија.