Француската полиција и натаму трага по напаѓачот со чекан

Француските безбедносни сили и натаму трагаат по мажот кој со чекан нападнал две жени во централниот град Шалон-сур-Саоуне, објавија во саботата локалните власти.

Мажот е баран по обвинение за обид за убиство, а локалните власти апелираа до жителите да не објавуваат информации за полициските контроли на социјалните мрежи.

Очевидците во петокот вечерта за француските медиумите открија дека напаѓачот при нападот извикувал „Алаху абар“ (Господ е голем). Истрагата за инцидентот и натаму е во рацете на локалниот обвинител, што сугерира дека нападот сѐ уште не се третира како терористички.

Во петокот со нож беше нападнат и војник на станицата на подземната железница „Шатале“ во централен Париз. Овој напаѓач е уапсен, а судски извори откриваат дека обвинителството ќе подигне обвинение за обид на убиство на јавен службеник со терористичка намера.

Француските безбедносни сили се во состојба на највисока приправност по серијата терористички напади во кои загинаа повеќе од 230 луѓе од почетокот на 2015 година.