Француската полиција и понатаму трага по Хајата, жената терорист

Хајат Бумедијен се уште ја бараат француски безбедносни служби, поради учество во престрелката во четвртокот изутрината во која беше убиена службеничка на општинската полиција во Монтруж, јавува дописникот на МИА од Париз.

– Таа не се наоѓа меѓу лицата кои се убиени или ранети при земањето на заложници или при нападот на безбедносните сили, објави парискиот весник „Паризиен“ повикувајќи се на извор близок до истрагата.

Крајот на потерата по терористите, која се заврши вчера околу 17 часот со крвав расплет, во кој браќата Куаши – Шериф и Саид, и Амеди Кулибали, сите блиски до Ал Каеда или Исламската држава беа убиени во акцијата на полицијата.

Четворицата заложници пронајдени мртви во супермаркет во Париз по крајот на акцијата, според првите податоци од истрагата биле најверојатно убиени уште при почетокот на заложничката драма од страна на Кулибали. Според јавниот обвинител на Париз, продавницата била минирана од Кулибали, кој се обидувал да убеди некои од неговите другари да преминат во акција и да нападнат полициски комесаријати.

Одлуката истовремено да се изврши нападот за ослободување на заложниците е донесена од претседателот Оланд, бидејќи беше утврдено дека терористите биле поврзани и Кулибали се заканувал дека ќе ги убие другите заложници ако им се случело нешто на браќата Куаши.

По полициската интервенција во Париз, се покажа дека во продавницата имало многу повеќе заложници од колку што се претпоставуваше, присебноста на еден од вработените им дозволи да се скријат во ладилникот на продавницата, кој претходно го исклучил. Тие биле предупредени за нападот на силите на редот телефонски. Исто како и единствениот заложник во Дамартан ен Гуел, за кој браќата не претпоставувале дека се крие во печатницата.

Знакот за почеток на операцијата бил во моментот, кога браќата Куаши излегле од печатницата и започнале да пукаат врз силите на редот.

Во истрагата се дојде до констатацијата дека тројцата терористи имале постојани и чести контакти инидректно преку сопругите на Шериф Куаши и Амеди Кулибали, објасни обвинителот на Париз. Девојката на Кулибали се уште е во бегство, а сопругата на Шериф Куаши, Изана Хамид е во притвор од средата.

Обвинителот Франсоа Молан, откри дека двете жени во 2014 година размениле над 500 телефонски повици, со што може да се утврди дека тие имале постојани и чести контакти.

Амеди Кулибали, повеќекратен деликвент се сртенал со Шериф Куаши во затвор, каде се радикализирал. Двајцата биле судени и осудени за поврзаност со тероризам.

Според признанијата кои давата ги дадоа за телевизијата БФМ ТВ, тие потврдиле дека биле припадници на Ал Каеда од Јемен, додека Кулибали на Исламската држава. Тие исто така потврдиле дека нивниот напад бил планиран и синнхронизиран.

Од терористичкиот напад врз сатиричниот неделник во средата изутрината, кој ја потресе Франција и светот, конечниот биланс е 17 жртви и тројца убиени џихадисти, како и повеќе ранети граѓани и припадници на силите на редот.

Ова е најкрвавиот терористички акт во Франција во изминатите педесет години.

– Смртта на џихадистите беше неизбежна, оцени премиерот Мануел Валс, со оглед на фактите, но притоа тој призна дека постојат „пропусти“ во начинот на кој беа третирани информациите со кои располагаат тајните служби, ова најмногу поради големиот број на жртви. Имено сите тројца терористи им биле познати на француските служби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.