Свет

Француски експерти препорачаа легализација на еутаназијата

Француски експерти препорачаа легализација на еутаназијата

Француска група јавни експерти и препорачале на Владата да ја легализира еутаназијата. Во јули, претседателот Франсоа Оланд вети дека ќе започне национална дебата за ова прашање, со цел предлагање на закон со кој ќе се променат сегашните правила, потсетува „Ројтерс“.

Во понеделникот, групата од 18 лица, одбрана од националната етичка комисија, кои се сметаат за репрезентативни за општеството, излезе со мислење, според кое еутаназијата е „легитимно право на пациент, кој е пред умирање или страда од терминална болест, основано пред се’ на информирана согласност и целосна свест“.

Согласно усвоениот закон во 2005 година, француските лекари имаат право да го запрат вештачкото продолжување на животот на терминално болни пациенти, по нивна претходна молба, но не можат да асистираат за ставањето крај на човечки живот.

Анкетите покажуваат дека генерално општеството го поддржува легализирањето на еутаназијата кај тешко болни луѓе. Токму поради тоа, во последниве години, лекари обвинети за тоа дека му помогнале на пациент да умре, добиваат условни казни.

Дебатата дојде во фокусот на вниманието, откако минатиот месец, постара двојка се самоуби во луксузен париски хотел. Во оставеното проштално писмо на местото на двојното самоубиство пишувало дека и двајцата сакале да умрат достоинствено. Минатата недела пратеник од „Зелените“, опишал во телевизиско шоу како ја гледала својата тешко болна мајка да умира, откако зела голема доза на апчиња.

Еутаназија е легална во одредени околности во Белгија, Луксембург, Холандија и Швајцарија.