Француски филмски фестивал во Скопје и Охрид од утре до 18. јуни

Со филмот „Патот за Истанбул“ на алжирскиот режисер Рашид Бушареб, утревечер во кино „Милениум“ ќе почне деветтиот Француски филмски фестивал кој ќе се одржува во Скопје и Охрид во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот институт со поддршка на Министерството за култура.

На фестивалската програма се уште пет филма во Скопје  („Страв“ и „Утре“ на 16 јуни,  „Фатима“ и „Лето“ на 17 јуни и „Ни на небо ни на земја“ на 18 јуни) и три филма во Охрид кои ќе бидат прикажани во Центарот за култура „Григор Прличев“ („Каприс“ на 16 јуни, „Три срца“ на 17 јуни и филмот „Судија“ на 18 јуни).

Гости на фестивалот ќе бидат актерката Астрид Ветнал и режисерот Кристијан Венсан (од филмовите за отворање и за затворање на фестивалот), како и претставници на Националниот центар за филм на Франција (CNC) – Жилиен Езано, советник за билатерална соработка на CNC, и Одре Бијар, директорка на фестивалот за краткометражни филови „Off-Courts“. Тие во Агенцијата за филм на РМ во четврток ќе имаат средба со филмските професионалци од Македонија, а на Универзитетот ЕСРА попладнето ќе одржат работилници за студенти.

Амбасадорката на Франција во Македонија Лоранс Оер на прес-конференција рече дека мото на годинашниот фестивал е „Различна кинематографија“ затоа што има желба да покаже иновативност и ангажираност. Во таа насока е филмот „Патот за Истанбул“ кој раскажува актуелна тема – одлуката на млада девојка да замине во војна во Сирија, како и документарецот на еколошка тема „Утре“, кој има еден милион посетители.

– Во четирите фестивалски денови во Скопје и во Охрид ќе имаме можност да гледаме престижни француски филмови кои имаат бројни награди, меѓу другите и наградата „Цезар“, а филмот „Судијата“, на пример, е награден во Венеција. Програмата на фестивалот е комплетна зашто не се состои само од филмови, туку има и професионални средби, што ќе овозможи филмските работници од оваа земја да стапат во контакт, да разменат искуства и можеби да се впуштат во копродукции со Франција, рече Оер.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска искакна дека овој фестивал се очекува со нетрпение од македонската публика поради долгата традиција на француската кинематографија и естетиката на францускиот филм. Посочи на одличната сорабтка со Франција во реализацијата на две мултилатерални копродукции („Мајки“ на Манчевски и „Лазар“ на Ристовски).

Потсети дека познатата продукција „Шик филмс“ лани во Македонија снимаше дел од францускиот филм „А Фонд’ на режисерот Никола Бенаму и дека интерес за снимање на локации низ земјава покажале и други филмски компании од Франција, како и од Велика Британија.

– Уверена сум дека соработката помеѓу Франција и Македонија и во иднина ќе се продлабочува и интензивира, а токму Фестивалот на францускиот филм ќе биде одлична можност нашите продуценти, автори, режисери да разменат контакти и да реализираат заеднички иницијативи и проекти, рече Канческа-Милевска.

Ангажираноста на Македонија во областа на филмското продуцирање ја поздрави амбасадорката Оер која нагласи дека е тоа извонредна идеја која ќе овозможи да се привлечат младите генерации кон филмот.

За таа цел втора година се организира и натпревар за мини видео за млади. Наградените ќе бидат соопштени на 17 јуни во кино „Култура“. Првата награда е еднонеделен престој во Долна Нормандија на фестивалот „Off-Courts“.

Директорката на Агенцијата за филм на РМ Мими Ѓоргоска-Илиевска посочи на значењето на средбата на македонските филмски професионалци со претставниците од францускиот филмски центар CNC и доаѓањето на нејзиниот колега Жилиен Езано. Средбата е можност за размена на информации кои би резултирале со копродукциски проекти.

– Задоволство е што ќе ги имаме како гости во Агенцијата за филм. Се надевам дека оваа традиционална соработка во областа на филмот ќе можеме во блиска иднина да ја крунисаме и со еден билатерален договор помеѓу двете земји за соработка во филмската дејност, истакна Ѓоргоска-Илиевска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.