Француски орден Витез од Редот на уметностите и книжевноста за Бранко Чобанов

Бранко Чобанов, аташе за култура и помошник на директорката на Францускиот институт во Скопје е одликуван со престижното одликување Витез од Редот на уметностите и книжевноста на Француската Република.

Одликувањето синоќа на свеченост во француската резиденција му го врачи амбасадорката на Франција, Лоренс Оер, која го истакна неговиот повеќе од тридецениски успешен ангажман во Францускиот културен центар, а денес Културен институт, со распространувањето на француската култура и уметност.

– Бранко Чобанов за време на својата работа во Францускииот институт бевте именуван на повеќе функции и во сите нив покажавте вистинска приврзаност кон француската култура и кон франкофонијата, како и кон валоризацијата на македонската култура, исто така, комбинирајќи ја љубовта кон уметноста во сите дисциплини, во сите нејзини облици – фестивали, изложби, различни манифестации на отворен начин. Токму затоа ние навистина ви искажуваме огромно искрено признание бидејќи вие бевте водилка во нашите културни активности сите овие триесет години. Вие сте дел од тој извонреден синџир на умешности, на знаење, на вредности на кои што Франција е толку горда во странство, рече амбасадорката Оер.

Во присуство на амбасадори, директори на голем број културни институции, уметници, пријатели и семејството Чобанов се заблагодари за честа да биде носител на ова мошне угледно признание на Француската Република. Тој ги нагласи длабоките врски со Франкофонијата кои потекнуваат уште од неговите младешки години и образование минати со семејството во Рабат и Дакар, се осврна на богатото искуство стекнато со работата во Францускиот институт во промоцијата на француската култура и уметност во земјавата и на успешната соработка со македонските културни и образовни установи.

– Ми рекоа дека не треба да се обидувам секогаш да го правам невозможното, но јас ќе се обидувам иако не знам дали ќе го постигнам тоа. Горд сум што работам за Франција, горд сум што работам за Македонија, рече Чобанов.

Одликувањето Витез од Редот на уметностите и книжевноста е основано од страна на Андре Малро во 1957 година. Ја доделува француското Министерство за култура и комуникации и спаѓа во четирите најважни одликувања во Франција. Оваа зелена лента се смета за многу посакувана меѓу уметниците и се доделува на личности кои со своето делување влијаат на промените во сферата во која работат и поставуваат највисоки стандарди во комуникациските и креативните вештини.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.