Француски разузнавачи: Неделно по 100 лица влегуваат во Сирија и се приклучуваат на ИД

Француската  воена разузнавачка служба процени дека секоја недела во Сирија од Турција влегуваат стотина странски државјани што им се придружуваат на џихадистите од Исламска држава, пишува францускиот дневен весник „Ле Фигаро“.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Марк Ејро во неделата изјави дека би требало да се постават прашања за тоа дали Турција е доверлив партнер во борбата против ИД во Сирија и дека затоа би требало да се расправа на состанокот на членовите на коалицијата што почнува денес во Вашингтон.

Според податоците на Управата на воената разузнавачка служба во Париз, секоја недела од Турција во Сирија преминуваат околу стотина странци што таму им се придружуваат на џихадистите на ИД, пишува Ле Фигаро.

Француското министерство за одбрана засега не ги коментира овие информации.