Француски тест за германската машина

Четвртфиналната рунда на јубилејното 20. Светско првенство во Бразил, ќе стартува денеска, со дуелот помеѓу европските ривали, репрезентациите на Франција и Германија.

Ако се суди според прикажаната игра во претходните натпревари, а особено во 1/8 финалната рунда, тогаш за нијанса поголеми шанси за успех има репрезентацијата на Франција, додека избраниците на Јоаким Лев во изминатите неколку дена беа на силен удар од германските медиуми поради очајната игра во осминафиналниот дуел против селекцијата на Алжир кој го добија после 120 одиграни минути.

Како и на претходните, така и на овој, германските фанови најмногу очекуваат од најдобриот стрелец во нивниот тим, Томас Милер, додека играта и успехот на “Галските Петли”, најмногу ќе зависи од играта и од ефектот на напаѓачкиот двоец, Карим Бензема и Оливие Жиру.

“По природа сум многу реална личност. Јас имаме една зацртана цел, таа цел ја имаат и моите фудбалери. Ние сме фокусирани само на дуелот против репрезентацијата на Германија. Не мислам што може да се случи после тој натпревар, не сакам да гледам толку далеку. Германија е нашата реалност, се друго е само голем сон, само голема желба. Моите фудбалери имаат право на сон, имаат право на желба. И јас сонувам, но јас сум реален. На прво место е дуелот против големиот фаворит за светската титула. Можам да ветам дека ќе дадеме се од себе, ќе се бориме до последниот судиски свиреж”, изјави селекторот на Франција, Дидиер Дешамп.