Францускиот филм продолжува да се снима кај Градско

Екипата на францускиот филм „A Fond“ се сели кај Градско. Откако заврши снимањето на скопската обиколница од вчера екипата се премести на Магистралниот пат А1, односно на делницата од мотел Македонија до Градско.

Оваа делница ќе биде затворена за сообраќај од 05 – 18 часот, а сообраќајот ќе се одвива по стариот пат кој е обележан со соодветна сигнализација. Снимањето е планирано да се одвива во работни денови.

Како што информира АМСМ, поради обилни врнежи од дожд локалниот пат село Ропаљце према село Никуштак е во прекин.

Инаку, сообраќајот на сите државни патишта се одвива по местимично  влажни  коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.