Францускиот куп третпат по ред во рацете на ПСЖ

Фудбалерите на Пари Сен Жермен трета годна последователно и рекордни 11 пати се победници на францускиот национален куп.

ПСЖ во финалниот натпревар одигран на „Стад де Гранс“ го совладаа Анже со автоголот на Иса Сисоко во 90 минута. Аргентинецот Анхел ди Марија изведе корнер, а несреќниот Сенегалец со глава ја затресе сопствената мрежа.

Ова е рекордна 11-та титула за ПСЖ, до ова финале парискиот клуб и Марсеј беа изедначени со по 10 трофеи во купот. Покрај тоа, ова беше трето последователно учество на ПСЖ во завршницата од Купот на Франција, во финалето ланската 2016 година го совладаа Марсеј со 4:2, а во претходната 2015 година Оскер со 1:0.

За Анже ова беше второто финале во Купот и втор пораз, откако дамнешната 1957 година загубил од Тулуз со 0:1.

ПСЖ годнава го освои и Лига купот, но во француското првенство беше втор зад Монако со осум бодови.

Победникот од францускиот куп се пласира за Лига Европа. Но бидејќи ПСЖ веќе си обезбеди место во Лигата на шампионите, во Лига Европа доби право да настапи НАНТ, кој го освои седмото место во првенството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.