Француските медиуми известуваат за случувањата во Куманово

Речиси сите радио и телевизиски канали, како и електронските изданија на дневните и неделните весници ги пренесуваат агенциските вести за случувањата во Куманово, каде македонските сили спроведоа акција против „неидентификувана“ вооружена група.

Вестите од Македонија, јавува дописникот на МИА од Париз, започнаа да пристигнуваат уште во текот на вчерашниот ден кога беа преземени агенциските вести, додека денеска се појавија и првите редакциски осврти на случувањата.

Париски „Либерасион“, под насловот „Македонија потресена од инцидентите на границата со Косово“, пишува дека вооружените судири во текот на вчерашниот и денешниот ден го загрижуваат целиот Балкан.

Неделникот „НувелОбс“, пренесува дека осум македонски полицајци го изгубија животот, 37 се ранети, додека истовремено 14 напаѓачи се убиени.

Швајцарскиот телевизиски канал РТС јавува дека во судирите загинале 22 лица, од кои осум припадници на силите на редот и дека на улиците на Куманово имало вистинска „урбана герила“.

Слични се вестите и на Радио Канада, Франс Инфо, Франс Телевизион, додека Радио Франс Интернасионал (РФИ) слично како и Еуроњуз го поставуваат прашањето за „совпаѓањето“ на вооружените инциденти со политичката криза во Македонија.

Во сите извештаи на франкофонските медиуми се нагласува дека овие инциденти се случуваат по тој на 21 април кога вооружена група од Косово накратко ја презеде контролата на полициската станица на граничната полиција на границата со Косово, при што таа побарала создавање на албанска држава.

Во франкофонските медиуми се потсетува дека во 2001 година со Охридскиот договор му беше ставен крај на конфликтот меѓу македонските безбедносни сили и албанските бунтовници. Овој договор на Албанците, кои, како што се нагласува во француските медиуми, се со муслиманска вероисповест и претставуваат 25 проценти од населението на Македонија, им донесе повеќе права во општеството.