Француските власти почнаа да исклучуваат веб страници што промовираат тероризам

Француските власти почнаа со примена на мерки за исклучување веб страници што промовираат тероризам, со тоа што блокирале пет такви страници, соопшти денеска француското Министерство за внатрешни работи, пренесе МИА.

Четири од пет такви веб страници, сепак, се и понатаму достапни на интернет.

Претставник на француското министерство нагласи дека нивните напори за гасење на стотина страници што промовираат тероризам преку поставување видео снимки или пишување соопштенија и изјави, се уште е во развој и можеби нема да функцинира беспрекорно од самиот старт.

Откако некоја веб страница ќе биде блокирана, на неа наместо содржината треба да се појави црвена дланка со порака дека корисникот е пренасочен бидејќи оригиналната содржина на страницата промовира или поттикнува тероризам.

Сепак, засега на ниту една од петте страници не се појавува црвена дланка со порака. Исклучувањето веб страници што промовираат тероризам е предвидено во рамки на новиот француски анти-терористички закон.